Секојдневното консумирање ореви го намалува холестеролот
Истражувањето што го објави списанието на Американското здружение за срце покажа дека вклучувањето на оревите во исхраната може да го намали нивото на ЛДЛ-холестерол, што често се нарекува и „лош“. Поточно, студијата покажа дека секојдневното консумирање ореви во текот на период од две години значително го снижува нивото на холестеролот. Тоа се однесува на постарите лица. Д-р Емилио Рос, еден од авторите на истражувањето, укажа на голем број благодати од јадењето ореви.
– Оревите имаат оптимален состав на хранливи состојки, вклучувајќи и значителни количества на алфа-линоленска киселина, растителна омега-3 масна киселина, полифеноли и фитомелатонин – посочи тој.
Во истражувањето учествувале 636 лица на возраст од 63 до 79 години. Половината земале лекови за намалување на зголемен крвен притисок, а лекови за намалување на холестеролот земале 32 проценти. Едната група не консумирала ореви, а другата добивала еден филџан сурови ореви со секојдневните оброци.
Учесниците што јаделе ореви го намалиле нивото на ЛДЛ-холестерол, во просек за 4,3 милиграми по децилитар, а вкупниот холестерол во просек за 8,5 милиграми. Исто така е намален бројот на ЛДЛ-честичките за 6 отсто.