Појадокот е еден од најважните оброци во денот. Не е залудна поговорката „појадокот изеди го сам, ручекот подели го со пријателот, а вечерата остави му ја на непријателот“. На телото му е потребен појадокот за да може да го почне денот, но и за да има енергија. Сепак, за некои луѓе е подобро појадокот да не го консумираат отколку да јадат нездрав појадок. Како и да е, нутритивно богат појадок ќе ви даде енергија и ќе ве спречи да јадете повеќе во текот на денот и ноќта.
Ќе наброиме десет намирници што може да ги консумирате набргу откако ќе станете од спиење.
1. Јајца
Јајцата се исклучително здрави и вкусни. Многу научни студии покажаа дека консумирањето јајца за појадок го зголемува чувството на ситост, го намалува внесот на калории при следниот оброк и го одржува здравото ниво на шеќер во крвта и нивото на инсулин.
Една студија покажува дека мажите што јаделе јајца за појадок се чувствувале позадоволни и јаделе помалку калорична храна во преостанатиот дел од денот од оние што консумирале печиво за појадок.
Жолчките содржат лутеин и зеаксантин. Овие антиоксиданти помагаат во превенирање очни болести како катаракта и дегенерација на окото.
Јајцата исто така се најдобриот извор на холин, многу важен за мозокот и за џигерот. Иако почна да ги бие лош глас поради високото ниво на холестерол, сепак јајцата не го покачуваат нивото на холестерол кај повеќето луѓе. Всушност, јадењето јајца може да го редуцира нивото на лошиот ЛДЛ-холестерол, а да го подобри нивото на добриот холестерол.
Три големи јајца имаат околу 20 грама висококвалитетен протеин.
Тврдо сварени јајца можат да бидат одличен појадок, кој лесно се транспортира и лесно може да се консумира.
2. Грчки јогурт – кај нас попознат како кисело млеко
Грчкиот јогурт или киселото млеко е кремаста, вкусна но и богата намирница со нутритиенти. Богат е со протеини, кои, пак, го намалуваат чувството на глад, но и ја забрзуваат работата на метаболизмот. Исто така, претставува одличен извор на пробиотици, кои му помагаат на вашиот организам да остане здрав.
Наутро е најдобро да консумирате грчки јогурт или кисело млеко со свежо овошје како овошен јогурт. На тој начин ќе добиете двоен витамински ефект за вашето здравје.
3. Кафе
Кафето е одличен пијалак за да го почнете денот. Има високо ниво на кофеин, што е докажано дека ги подобрува расположението, вниманието и психичкото функционирање.
Дури и мали количества кафе можат да ги имаат истите ефекти.
Едно истражување покажува дека дозволена доза кафе е од 38 до 400 милиграми на ден. Ова значи три до четири шолји кафе на ден, во зависност од јачината на кафето. Кофеинот исто така го забрзува метаболизмот. Една студија покажува дека 100 милиграми кофеин дневно, согоруваат од 79 до 150 калории во 24-часовен период. Кафето е исто така богато со антиоксиданти што, пак, ги намалуваат воспаленијата и ги штитат клетките во крвта.
4. Овесна каша
За љубителите на житарки, овесната каша е најдобриот појадок. Направени од цело зрно имаат уникатно количество влакна, наречени бета глукани. Овие влакна имаат огромни здравствени придобивки меѓу кои е и намалувањето на нивото на холестерол.
Бета глуканот го зголемува чувството на ситост. Овесот исто така е богат со антиоксиданти, кои го подобруваат срцевото здравје и го намалуваат крвниот притисок.
5. Чиа-семе
Чиа-семето е екстремно нутритивна намирница и најдобар извор на влакна. Само 28 грама чиа семе има 11 грама влакна. Во едно мало 12-неделно истражување покажало дека луѓето со дијабетес што јаделе чиа-семе имале долготрајно чувство на ситост со што се подобриле резултатите на крвта и крвниот притисок.
Чиа-семето исто така е богато со антиоксиданти со што ги штити клетките од слободните радикали што се произведуваат за време на варењето на храната.
6. Шумско овошје
Шумското овошје е вкусно и богато со антиоксиданти.
Има ниско ниво на шеќер, споредено со другите овошја, и е богато со растителни влакна. Малините и капините имаат осум грама растителни влакна во порција од 120 грама. Една чинија од овие шумски овошја има од 50 до 85 калории. Исто така, шумското овошје е богато со антоцијани, кои се важни за срцевото здравје, но и го спречуваат стареењето.
Го намалуваат воспалението, го превенираат холестеролот од оксидирање и ги чуваат крвните садови здрави.
7. Јатки
Јаткастите плодови се многу нутритивни. Тие се одличен додаток за појадок и помагаат во превенирање на дебелеењето. Иако се богати со калории, тие не се апсорбираат целосно во организмот.
Телото може да апсорбира само 129 калории од 28 грама бадеми.
Јаткастите плодови помагаат во намалување на срцевите болести и ги намалуваат воспаленијата. Бразилските ореви се најдобар извор на селениум, па, така, само две од овие јатки ја задоволуваат дневната потреба од овој витамин.
Сите јатки се богати со магнезиум и калиум.
Одлични се како појадок, во комбинација со овошје.
8. Зелен чај
Зелениот чај е еден од најздравите пијалаци во светот. Содржи кофеин, па ги подобрува расположението, работата на мозокот и метаболизмот. Една шолја зелен чај има од 35 до 70 милиграми кофеин, што е всушност половина од содржината на кафето.
Одличен е во борбата против дијабетес. Седумнаесет студии покажале дека зелениот чај го намалува нивото на шеќер во крвта. Содржи и антиоксидант ЕГЦГ што ги штити мозокот, нервниот систем и срцето од оштетувања.
9. Овошје
Овошјето е одлично за почеток на денот. Сите овошја содржат витамини, калиум, растителни влакна и се со мало количество калории. Една чинија сечкано овошје би имала од 80 до 130 калории во зависност од видот на овошјето. Цитрусите се богати со витамин Ц. Овошјата се исто така одлични за хидратација бидејќи се полни со вода.
10. Ленено семе
Лененото семе е исклучително здраво. Богато е со вискозни влакна што ќе ви помогнат да се чувствувате подолго време сити. Штити од канцер, а 14 грама ленено семе содржат три грама протеини и четири грама влакна. Потрудете се да внесувате секогаш свежо мелено ленено семе, за организмот да може да ги апсорбира сите потребни витамини и минерали од него.