Фото: Пиксабеј

Вотсап подготвува интересна функција што особено ќе им се допадне на корисниците што паралелно го користат Телеграм. Наскоро ќе биде можно да се пронајде и да се контактира со личност на оваа платформа – без потреба да се знае нејзиниот телефонски број.

Оваа информација ја откри веб-страницата „ВАБетаИнфо“, која пронајде траги од кориснички имиња во бета-верзијата на апликацијата, слично на тоа како веќе работи на Телеграм и некои други услуги за пораки. Во моментов, Вотсап го прикажува само телефонскиот број, но наскоро тоа ќе се промени.

Како што стојат работите во моментов, корисничките имиња ќе мора да содржат барем една буква и да бидат долги помеѓу три и 30 знаци. Откако корисникот ќе избере и ќе потврди валидно име, тоа ќе стане видливо во разговорот и групите.

Важно е да се нагласи дека контактите што веќе го имаат вашиот број во нивниот именик сè уште нема да имаат никакви ограничувања – тие ќе можат да ве пронајдат и да контактираат со вас како и досега. Новата опција дава поголема слобода во тоа кој може и кого можете да најдете на платформата.

Функцијата сè уште е во развој, но се очекува да биде достапна за сите во наредните недели или месеци преку ажурирање на апликацијата.