Техно
Во време кога растат цените на сè, вклучувајќи ги и автомобилите, малите евтини возила на четири тркала стануваат сѐ поскапи. За тоа најдобро говори фактот дека „дачија сандеро“, со над 270.000 продадени примероци, беше најпродаваниот автомобил во Европа во 2024 година (55.000 повеќе од второпласираниот „рено клио“). Затоа, не треба да чуди веста што веќе некое време кружи низ медиумите, дека модерната верзија на добропознатиот автомобил, кој повеќето од вас што го читате овој текст веројатно го возеле, ќе се врати во 2027 година. Станува збор за добропознатото „југо“.
И покрај фактот што најголемиот производител на автомобили во поранешна Југославија, фабриката за автомобили „Застава“ од Крагуевац конечно беше затворена во 2008 година, по 55 години производство, наследникот на неговиот најпознат модел се враќа во живот благодарение на доктор Александар Бјелиќ, универзитетски професор од Германија, кој успеа да ги обезбеди правата за името и логото на „југо“. Бјелиќ, кој досега не се занимавал со производство на автомобили, иако повеќе од 30 години работи во автомобилската индустрија, неодамна се појави во емисијата САТ и изјави дека правната процедура за преземање на брендот „Југо“ била комплицирана и долга, но благодарение на квалитетниот адвокатски тим успеал да стане нејзин сопственик.
Потоа го ангажирал дизајнерот Дарко Марчет, кој дизајнирал автомобил со современи линии, чии скици на прв поглед јасно покажуваат за кој модел станува збор. Острите скршени рабови овде изгледаат многу помодерно, има и современо дизајнирани тенки ЛЕД-светла, карактеристични странични линии, рачки на вратите вдлабнати во вратите како кај некои многу полуксузни модели и големи тркала со спортски гуми со низок профил и алуминиумски бандажи. А секако тука е и добропознатото лого – карактеристичната буква Y. Ретромоментите се забележуваат и во препознатливо засечената предна решетка и закосениот капак на багажникот.