Фото: Пиксабеј

Техно

Паметните телефони не се само уреди за комуникација и прелистување на социјалните мрежи. Тие се вистински мали џебни компјутери на кои многумина од нас чуваат доверливи податоци – од лични документи и слики, па сè до чувствителни параметри, кои ни помагаат да пристапиме до нашата банкарска сметка. Затоа е важно да постојат механизми што ќе ги заштитат тие податоци. Одреден тип заштита веќе е присутна на нашите уреди, оперативниот систем на телефонот (ако сè уште е поддржан) добива редовни закрпи на безбедносни пропусти, а сега Гугл додаде уште една бариера за злонамерните актери со најновото ажурирање на своите услуги на Гугл плеј. Најновата надградба на сервисот (верзија 25.14) носи интересна функција што автоматски го рестартира телефонот со андроид доколку не сте го „отклучиле три последователни дена, односно цели 72 часа“.
Има добра причина зошто вашиот телефон ќе се „однесува“ вака доколку не е во употреба. Со рестартирање, вашиот уред влегува во режимот БФУ (пред првото отклучување), кога сите податоци се дополнително заштитени со шифрирање и на злонамерните актери им е многу потешко да пристапат до нив додека телефонот не се отклучи. Отклучувањето на телефонот во овој режим се врши исклучиво со ПИН-код или со специфичен шаблон, кој претходно самите сте го одредиле, додека биометриското отклучување (отпечаток од прст или препознавање лице) не е можно.
Слична функција (Инактивити ребут) веќе е достапна на уредите ајфон со оперативен систем иОС 18.1 или со понова верзија, но и на моделите на некои производители на телефони со андроид, кои со години бараат од корисниците да внесуваат ПИН-код или шема на секои 72 часа, без разлика дали уредот се користи или не. Ажурирањето на услугите на Гугл плеј (верзија 25.14) ќе стане достапно на сите поддржани телефони следната недела, по што ќе се активира безбедносната функција за автоматско рестартирање.