Техно

Паметниот телефон „шаоми 14 ултра“ ќе го има своето деби во Европа на 25 февруари, за време на „Мобајл ворлд конгрес“ во Барселона, заедно со основниот модел „шаоми 14“, а сега многу се зборува за моделот направен од титаниум.
Информациите за мемориските конфигурации за новиот предводник се појавија во Кина, но тие важат за кинескиот пазар и постои можност понудата да се разликува во Европа.
Според информациите објавени од типстер на кинеската социјална мрежа Веибо, „шаоми 14 ултра“ ќе има 12 гигабајти РАМ и 256 гигабајти внатрешна меморија во основната верзија, но ќе се нуди и во конфигурација од 16/256 гигабајти, како и верзија со 16 гигабајти РАМ и 1 терабајт внатрешна меморија.
Што се однесува на специјалното издание направено од титаниум, тоа ќе се нуди исклучиво со 16 гигабајти РАМ и 1 терабајт внатрешна меморија и ќе чини околу 64 евра повеќе од „стандардната“ верзија.
Претходните извештаи наведуваа дека „шаоми 14 ултра“ ќе има 6,73-инчен КХД+ЛТПО АМОЛЕД дисплеј, со стапка на освежување од 120 херци. Тој ќе се напојува со процесорот Снепдрагон 8 ген 3 на „Квалком“, а на задната страна ќе има четири камери, главна камера од 50 мегапиксели со променлива решетка, ултраширока од 50, 3,2x телефото од 50 и 5x телефото од 50 мегапиксели. Напред ќе биде поставена камера за самослик од 32 мегапиксели.
Уредот ќе биде отпорен на вода и прашина според стандардот ИП68, а ќе се напојува од батерија од 5.300 милиампер-часа, со поддршка за жичено полнење од 90 вати. Тој ќе користи ХајперОС базиран на Андроид 14.