Техно
Сателитската СОС-функција наменета за ајфон 14 е достапна и за корисниците во Европа, односно во одредени европски земји. Како што е веќе познато, функцијата сателитски СОС се користи за контактирање со службите за итни случаи во ситуации кога корисникот нема стандардна мрежа или вај-фај сигнал. Функцијата првично беше пуштена во употреба за корисниците на ајфон 14 во САД и во Канада, а сега е достапна и за оние во Европа, вклучувајќи ги Франција, Германија, Ирска и Велика Британија.
Функцијата е дизајнирана да им помогне на корисниците на ајфон во итни ситуации, дозволувајќи им да испраќаат пораки до службите за итни случаи доколку немаат стандардни методи за контакт. По неуспешниот обид за контакт со конвенционални средства, ајфон 14 ја обезбедува опцијата „Пријави вонредна состојба“, а потоа прикажува прашалник наменет за собирање информации за ситуацијата во која се наоѓа корисникот. Одговорите и локацијата на корисникот, како и надморската висина, состојбата на батеријата на мобилниот телефон и медицинската евиденција, доколку е достапна, се испраќаат до службите за итни случаи. Исто така, постои опција за известување на избрани контакти. Функцијата СОС веќе е тестирана од многумина, а веќе му спасила живот на еден човек на Алјаска.
Од компанијата „Епл“ велат дека функцијата ќе биде достапна во уште повеќе земји следната година. Со купувањето на ајфон 14, услугата ќе биде бесплатна во период од две години, но не е јасно колку ќе чини по тој бесплатен период.