Техно
Компанијата „Реалм“ го најави доаѓањето на комплетно нова производствена линија наречена „Ноут“, а потоа протекоа и првите детали.
Дел од линијата ќе биде паметниот телефон „ноут 1“, кој ќе има 6,67-инчен ОЛЕД-екран со резолуција Фул ХД+ и стапка на освежување до 120 херци, голема батерија со капацитет од 5.000 милиампер-часа, со поддршка за брзо полнење од 67 вати и сензор за отпечатоци сместен под екранот. На предната страна ќе има камера за самослик од 16 мегапиксели, додека на задната страна ќе има три камери, 108, 8 и 2 мегапиксели. Уредот ќе се напојува со процесорот Дајменсити 7050.
Гледајќи ги спецификациите, се чини дека „реалм ноут 1“ ќе биде алтернатива на моделот „реалм 11 про“ со една дополнителна камера. Наводно, уредот има цел да ја пополни празнината помеѓу моделите „реалм 11 про“ и „реалм 11 про плус“ на веќе преполниот пазар на телефони со средна класа, за да им понуди компромис на купувачите што не сакаат да издвојат пари за „про плус“.
Исто така, постои можност да се позиционира телефонот како поприфатлива алтернатива на дуото „реалм 12 про“, кое ќе пристигне малку подоцна месецов.
Можностите се бескрајни, па затоа треба да ја почекаме официјалната презентација и да ги откриеме намерите на „Реалм“ со линијата „Ноут“. Ова име веќе го користеа компаниите „Самсунг“, „Шаоми“, „Виво“, „Леново“, „Инфиникс“, „Меизу“ и „Јулфон“.