Техно
Технологијата го менува светот од секој аспект на нашето постоење, начинот на кој учиме, работиме, комуницираме, купуваме или патуваме. Денес употребата на комуникациската технологија има цел да го олесни и да го подобри нашиот живот. Сите луѓе во светот, од деца на најмала возраст до пензионери, ја употребуваат во различни сектори и за различни цели. Технологијата ни овозможува да ги искористиме нашите потенцијали, нѐ охрабрува да сонуваме, да посакуваме големи нешта во животот.
Благодарение на 5Г-технологијата имаме медицинска нега на далечина, дигитализација на индустриското производство и многу повеќе. Првичната намена на сите технолошки пронајдоци е тие да се искористат за благородни цели и на каков било начин да го подобрат и поедностават животот на човекот, а со тоа да ја зголемат и неговата продуктивност. Но не секогаш е така. Технологијата е паричка со две лица. Таа нѐ прави зависни, асоцијални, да заборавиме на некои животни вредности. За тоа колку сме зависни од паметните уреди говори и податокот дека барем шест часа повремено поминуваме на интернет, а само на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм кликнуваме до 30 пати дневно додека вечераме, додека сме во театар, кино или седиме со пријатели. Затоа ограничете го ова време поминато на разни технолошки уреди, особено кај децата.
Корисноста на паметните телефони, на пример, не може да се спори, не би можеле да замислиме да живееме повторно во времето на старите фиксни телефони, кои за младите генерации се можеби и непознати. Но, за да почнеме да ги менуваме навиките и да ги користиме паметните уреди за добро, треба првично да станеме свесни дека сме зависни од нив. Промената на навиката, според психолозите, се случува во оној момент кога ќе станеме свесни што правиме, како се однесуваме, како реагираме и каква е функцијата на нашето однесување.