Фото: Пиксабеј

Техно

Секојдневните предмети, од фрижидери до улични светилки, се поврзуваат на интернет, а многу од нив се опремени со сензори што собираат податоци. Но на овие уреди им е потребна енергија за да функционираат, што е предизвик ако се на оддалечени локации. Меѓународен истражувачки тим предводен од експерти од Универзитетот „Тохоку“ создаде уред што може да претставува ефикасно и сигурно средство за самостојно напојување на сензорите.
Новиот уред за производство на енергија е направен со комбинирање на пиезоелектрични композити со полимер засилен со јаглеродни влакна, често користен лесен и силен материјал. Овој состав овозможува претворање на вибрациите од околината во електрична енергија. Овој уред може да одржува високи перформанси дури и ако е свиткан повеќе од 100.000 пати.
Инженери од Технолошкиот институт во Масачусетс, пак, создадоа хидрогел што може да ја апсорбира водената пареа дури и во пустински услови, каде што релативната влажност е само 30 отсто. Откако ќе се апсорбира од гелот, водата може да се загрее, кондензира и да се собере како чиста вода. Ефикасноста на материјалот е поголема кога во него се вшприцуваат поголеми количества литиум хлорид, вид сол што се користи како средство за сушење.