Техно
„Сони“ потврди дека до крајот на јуни 2025 година, повеќе од 80 милиони конзоли „плејстејшн 5“ се испорачани низ целиот свет. Овој импресивен резултат доаѓа и покрај предизвиците по лансирањето и зголемувањето на цените во голем број региони. Само во последниот квартал, кој заврши на 30 јуни, „Сони“ продаде 2,5 милиони ПС5-единици, што е мало подобрување во однос на истиот период минатата година кога беа испорачани 2,4 милиони единици.
Покрај растот на продажбата на хардвер, „Сони“ бележи и исклучителни резултати во продажбата на игри. Во првиот квартал од фискалната 2025 година, продадени се дури 65,9 милиони ПС5-игри, што е раст од 23 отсто во споредба со истиот квартал минатата година (53,6 милиони). Тој број вклучува само игри, исклучувајќи ги додатоците и микротрансакциите. Забележан е и раст на продажбата на наслови од портфолиото на „Сони“ – од шест милиони во 2024 година на 6,9 милиони примероци оваа година.
Екосистемот на „плејстејшн 5“ продолжува да расте во однос на активните корисници. „Плејстејшн нетворк“ сега има 123 милиони месечни активни сметки, во споредба со 116 милиони минатата година. Иако ПС5 сè уште не ги достигнал вкупните резултати постигнати од ПС4, разликата сѐ повеќе се намалува – и со овој тренд на продажба и зголемување на ангажманот на корисниците, се чини дека е само прашање на време кога ќе се случи тоа.