„Мајкрософт“ официјално го затвори Скајп и им препорача на корисниците да се префрлат на Тимс како соодветна алтернатива.
– Знаеме дека ова е голема работа за корисниците на Скајп и сме многу благодарни за нивната поддршка во текот на годините и за сите лекции што произлегоа од неа, а кои помогнаа во развојот на Тимс во текот на изминатите седум години. Во овој момент целосното префрлање на нашиот фокус кон Тимс ќе ни овозможи полесно да комуницираме и побрзо да иновираме – рече Џеф Тепер, претседател на „Мајкрософт“ за колаборативни апликации и платформи.
Скајп е повлечен од употреба по 23 години постоење, односно по 14 години во сопственост на „Мајкрософт“. Официјалната страница сè уште постои, но корисниците повеќе не можат да ја преземат апликацијата преку неа.
Како што се очекуваше, „Мајкрософт“ неодамна инвестираше сè повеќе во развојот на Тимс и ги охрабри корисниците да се префрлат на таа платформа. Корисниците исто така можат да ги експортираат своите скајп-пораки и да ги префрлат во Тимс, за да го олеснат преминот што е можно повеќе. Кредитот и претплатата може да се користат и во Тимс.
Не е јасно точно колку луѓе ќе бидат погодени од исклучувањето на Скајп, но според најновите податоци од 2023 година, услугата имала 36 милиони корисници. За споредба, Тимс надмина 320 милиони месечно активни корисници низ светот во истиот период.
Оваа одлука би можела да биде обид на технолошкиот гигант дополнително да ја зголеми корисничката база на Тимс. Сепак, останува прашањето дали корисниците навистина ќе се свртат кон Тимс, особено во денешно време кога има огромен избор на апликации за пораки и видеоповици, како Зум, Вибер, Вотсап и многу други.