Техно
Од врвот на компанијата, „Гугл“ потврди постоење на планови за обединување на Андроид и ХромОС во еден оперативен систем. Се шпекулира веќе некое време, но конечно е добиена потврда дека се планира спојување на оперативните системи. Информацијата индиректно ја потврди Самир Самат, претседател на екосистемот Андроид во „Гугл“, за време на разговор со новинар од порталот „ТехРадар“, кој беше прашан зошто користи Епл воч, Ајфон и Мекбук.
– Прашав затоа што ќе ги споиме Андроид и ХромОС во една платформа, па затоа ме интересира како луѓето ги користат своите лаптопи денес и што успеваат да постигнат со нив – рече Самат.
Иако Самат не откри дополнителни детали за иницијативата, ова е првпат „Гугл“ јавно да го признае постоењето на планови за спојување на двете платформи.
Интересот на Самат за тоа како луѓето ги користат своите уреди, особено лаптопите, може да значи дека „Гугл“ сè уште собира повратни информации и размислува како ќе изгледа финалната верзија во пракса. Во исто време, Андроид веќе почна да добива сериозни функции за работа на големи екрани – вистински десктоп-режим, работа во повеќе прозорци, подобра поддршка за надворешни монитори и пофлексибилни апликации.