Фото: Пиксабеј

Техно

Американскиот технолошки гигант Ај-би-ем соопшти дека неговиот приход во третото тримесечје на 2025 година пораснал за девет проценти на годишно ниво, достигнувајќи 16,33 милијарди долари, со што се надмина прогнозата на аналитичарите што предвидуваа 16,09 милијарди долари. Нето-добивката на фирмата изнесува 1,74 милијарда долари, додека во истото тримесечје лани била забележана загуба од 330 милиони долари поради еднократен трошок од 2,7 милијарди поврзан со пензискиот фонд. Приспособената добивка по акција изнесуваше 2,65 долари, со што се надминаа пазарните очекувања од 2,45 долари.
– Во ова тримесечје ги забрзавме перформансите во сите наши сегменти и повторно ги надминавме очекувањата во однос на приходите, профитот и слободниот паричен тек – соопшти извршниот директор на Ај-би-ем, Арвинд Кришна.
Тој истакна дека вредноста на портфолиото на бизниси поврзани со вештачката интелигенција е над 9,5 милијарди милијарди долари, што е раст во однос на 7,5 милијарди од вториот квартал. Врз основа на резултатите, Ај-би-ем го подобри прогнозираниот годишен раст на приходите и сега очекува „повеќе од пет проценти“ наместо претходно најавените „најмалку пет проценти“. Слободниот паричен тек за 2025 година се проценува на 14 милијарди долари, во однос на 13,5 милијарди од претходната прогноза.