Техно

Во блиска иднина пакетите до домовите ќе ги доставуваат роботи што се движат како луѓето. Меѓу првите што имаат намера да ги заменат своите доставувачи со роботи е компанијата „Форд“. Најнапредниот хуманоиден робот беше развиен од „Агилити роботикс“ минатата година. Станува збор за моделот Дигит, кој има нозе, торзо и раце, дизајниран да ги извршува многуте задачи што човековите работници ги извршуваат во магацините и во фабриките.

Од „Агилити роботикс“ предвидуваат дека нивните роботи се иднината на многу компании. Таа иднина се чини поблиска отколку што мислиме, со оглед на тоа што „Форд“ стана првиот купувач на моделот Дигит. Американскиот производител на автомобили планира да користи хуманоидни роботи за цели на испорака, пренесува „Бизнис инсајдер“.

Истражувачите сега работат на усовршување на комуникацијата помеѓу „Форд“ и Дигит. Додавањето раце на овој модел на роботи е големо подобрување, со оглед на тоа дека роботот сега може да се програмира да носи работи, да ги турка вратите, да станува ако падне…

Компанијата планира да започне со испорака на хуманоидни роботи по шестцифрена цена подоцна оваа година, а „Форд“ ќе биде еден од првите клиенти. Роботите Дигит во 2017 година имаа само две нозе и беа користени главно за истражување. Веќе во 2019 година, роботот доби две раце и торзо, што значително ги подобри неговите способности. Тие се флексибилни и дизајнирани да работат со минимално програмирање, што ги прави многу покорисни од тешките машини развиени само за одредени работни места. Овој хуманоиден робот може да крева до 20 килограми, а самата машина може да биде спакувана во две кутии што се вклопуваат речиси во секој автомобил.