Нејзиниот СМАРТ-панцир беше тестиран во лабораториска средина, изумот на Бутон за време на третмани со карцином ја намали површинската изложеност од вишок радиоактивно зрачење за неверојатни 75 отсто
Мекинли Бутон е обична девојка од Австралија. Но на само 16 години таа најде начин да ги заштити жените што се подложени на терапија бидејќи боледуваат од рак. Поголемиот дел од едукацискиот процес на младата тинејџерка за оваа тема не се одвивал на училиште, туку преку социјалниот медиум „Јутуб“.
– Во моето научно патување дефинитивно користев „Јутуб“, затоа што гледајќи во научните списанија како средношколка, согледав дека тие се напишани на доста различен јазик и се наменети за целна публика како експертите во таа индустрија – вели Бутон за „АБЦ њуз“.
Во процесот на создавање на идејата за нејзиниот СМАРТ-панцир, Бутон истражувала како функционира целиот процес на терапијата со радијација на пациентите со рак на дојка, што може да очекуваат пациентите како дел од третманот, како и за емоционалното и физичкото влијание што може да ги направи овој пристап.
Радиоактивното зрачењето предизвикува многу несакани ефекти. Жените што страдаат од карцином на дојка знаат подобро од кој било друг дека не станува збор само за опаѓање на косата. На пример, многу пациенти пријавуваат и други неочекувани несакани ефекти, како што се проблеми со меморијата, проблеми со концентрација и гадење. Поле Шерман на сајтот „Сиритуал мен“ наведе: „Бев шокирана кога ми паднаа ноктите на прстите на нозете“.
Бутон има и лични причини зошто барала начин за да им помогне на пациентите што имаат рак. Таа неодамна изгубила член на семејството поради рак на дојка, а наедно татко и работи во областа на заболени од карцином.
– Татко ми работи во областа на заболени од рак и ми опиша детално низ што поминуваат пациентите со карцином. Сметам дека не е фер тие да бидат предмет и на дополнителните несакани ефекти од радијација, како што се горење на кожата или можност за формирање друг карцином. Затоа решив да го посветам моето време и да најдам решение – вели Бутон.
Она што навистина ја инспирира беше лекција по историја на училиште, таа го направи својот изум со користење антички оклопни техники. Оклопот што го користеле војниците во средниот век бил направен од испреплетени метални крлушки. Младата тинејџерка добила идеја да го комбинира овој концепт на оклоп со густ бакар и да создаде заштитна ткаенина. Бакарот инаку е познат по своите многу подобри изолациски квалитети и заштита од смртоносни радиоактивни бранови.
– Јас очигледно не сум од средновековието, па затоа немав поим во што се вклучувам. Слично е многу на плетење, сепак гледањето фотографии со напишани зборови како се прави тоа за мене беше тешко и ми немаше многу смисла. Но кога гледате на „Јутуб“ како некој го прави тоа и го покажува практично, наедно можете да гледате со различна брзина и да го враќате видеото, тоа го прави многу едноставен и поекспедитивен процесот – вели Бутон.
Подоцна, откако бил истражен и тестиран, пронајдокот бил наречен СМАРТ-панцир, кратенката СМАРТ се однесува на „панцир со плетка од крлушки за терапија со радијација“. Овој уред има потенцијал да ги намали несаканите ефекти на зрачењето, бидејќи може да ги заштити градите, кои не се подложени на третман до 75 проценти. И покрај тоа што уредот опширно е испитуван и одобрен од Администрацијата за терапевтски производи, австралиската тинејџерка сега бара болница што ќе спроведе пилот-студија во која ќе го користи СМАРТ-панцирот со пациенти од реалниот свет.