Техно

Според најновите информации, гејмерите на играта ГТА 6 (Гранд тефт ауто) ќе мора да чекаат до 2025 година. Познатиот јутјубер Том Хендерсон претходно го навести овој датум и откри дека дејството на играта ќе биде сместено во модерна креација на Вајс Сити. Според неговите тврдења, мапата ќе еволуира и ќе се менува, исто како што и мапата на Фортнајт се менуваше во текот на новите сезони и настани.
Тврдењата на Хендерсон се базираат на изјавата на новинарот на Блумберг, Џејсон Шреер, кој навести дека ГТА 6 сѐ уште е во рана фаза на развој и оти ќе има мапа што ќе еволуира и ќе се шири. Тоа значи дека гејмерите ќе чекаат уште четири години на ГТА 6, што не е добра вест за нив. Рокстар во моментот работи на ГТА 5, верзија за Плејстејшн 5 и Иксбокс серија икс, која ќе биде готова на 11 ноември 2021 година. Ремастерот донесува неколку новитети, а гејмерите добиваат ГТА онлајн бесплатно до 2022 година.
ГТА 5 е продадена во 130 милиони копии откако се појави пред седум години, а исто така и натаму е на врвот на листата на бестселери, наспроти својата старост. ГТА 5 се појави првпат на Плејстејшн 3 и Иксбокс 360 во 2013 година, на Плејстејшн 4 и Иксбокс уан стигна во 2014-та, а на ПС во 2015 година.