Беспилотните летала ќе имаат сигнал за мобилна мрежа, ќе скенираат згради и ќе носат медицински материјали
Дроновите можеби се најпознати по тоа дека можат да снимаат импресивни видеоснимки од голема висина и да вршат увид во високи згради, инфраструктура и големи плантажи на растенија. Но најновата технологија ветува дека тие можат да ја подобрат и мобилната мрежа и Интернет за итни случаи во кои не работат стандардните предаватели на мобилната мрежа.
Лошиот сигнал во руралните средини може да биде многу фрустрирачки, но исто така може да создаде и навистина сериозни проблеми во вонредни ситуации. Сигналот на мобилните оператори најчесто се испраќа од базни станици што се поставени на повисоки згради или специјални предаватели. Доколку постои вонредна ситуација и претходно наведените станици не се во функција, сигнал со мобилна мрежа може да пренесуваат и дроновите.
Во последните две години, финската фирма „Нокиа“ и британскиот мобилен оператор „ЕЕ“ тестираат мал хеликоптер со четири пропелери, на кој има поставено мобилна станица за емитување сигнал. Тестирањата се одвиваат во Шкотска, а главната идеја на овие две компании е да се создаде дрон што ќе се користи во вонредни ситуации (на пример: по ураган, земјотрес или каква било катастрофа) и ќе ги надлетува овие области. Дроновите ќе емитуваат 4Г-сигнал во радиус од педесетина километри и ќе помогнат за полесно лоцирање и наоѓање на жртвите во катастрофите.
Проблемот што се јавува со овој начин на работа е времетраењето на батеријата на дроновите, кое изнесува околу 30 минути. За да се исполни целта за емитување константен и долговремен сигнал, дроновите би требало да летаат најмалку еден час. Па затоа телекомуникацискиот гигант „АТ&Т“ развива поголем дрон, кој личи на хеликоптерот познат како „мрежа на крилја“. За да го зголемат времето на летање на оваа направа, креаторите го имаат поврзано дронот со кабел на земјата, кој му дава струја за погонување. Тоа му овозможува на беспилотното летало да остане во воздух 24 часа на ден на максимална висина од 168 метри. Од „АТ&Т“ велат дека со ваков тип дрон обезбедиле емитување на 4Г- сигнал по ураганот Марија, кој го погоди Порторико во ноември. Секое беспилотно летало покривало област од 36 квадратни километри.
Идејата на „Нокиа“ е да го унапреди овој тип дрон, како и неговиот начин на функционирање. Планот е полициските возила и возилата на пожарните служби да служат како командни центри преку кои ќе се контролираат дроновите и оттаму ќе се носат многу побрзи и поефикасни одлуки. Финците планираат секој камион што им служи на пожарните служби да има сопствен дрон што емитува 4Г-мрежа со радиус од 50 километри. Во командните центри, преку камерите на дроновите може да се следи ситуацијата во областа каде што се има случено катастрофата и да се дејствува адекватно. Концептот вклучува можност дроновите да летаат во група, па затоа е потребен само еден пилот за да ги контролира во воздухот.
Леталата се тестираат во Диселдорф, Германија, а челните луѓе на проектот сметаат дека имплементацијата на овој начин на работа би можела многу да го подобри начинот на дејствување при катастрофи. Торстен Робрехт, заменик-претседател за напредни решенија за мобилни мрежи во „Нокиа“, смета дека при катастрофите, областа може да се скенира со дрон, па потоа, откако ќе стане познат теренот, да се испратат службите да дејствуваат. Тој додава дека користењето дронови е многу полесно, поевтино и побрзо од користењето хеликоптер.
Британскиот стартап-бизнис „Анменд лајф“ исто така развива софтвер за контрола и испраќање повеќе специфични дронови што би собирале информации за време на кризни ситуации, како на пример од зграда во која има пожар. Планот е еден дрон да емитува сигнал со 4Г-мрежа, друг да емитува видеосигнал во живо, трет да има сензори на топлина за лоцирање луѓе, а четврти дрон да креира сонарна мапа преку која се препознава штетата на структурата на зградата. Дроновите на „Анменд лајф“ би требало да се движат во група и секој дрон од групата да ја врши целта за која е наменет.
Технологијата и развивањето на беспилотните летала секојдневно напредуваат со голема брзина. Дроновите, кои претходно се користеа само за сликање и снимање видеоснимки, сега може да емитуваат 4Г-мобилен сигнал, да скенираат згради, па дури и да пренесуваат медицински материјали во воени или кризни зони. Се очекува овој правец на технологијата уште повеќе да напредува и дроновите да станат неопходни алатки за извршување на задачите на повеќе служби за брзи интервенции во светот.