Ерата на телефони што не можат да се хакираат е на повидок. Во светот на квантната физика се истражува начинот за создавање најбезбедни чипови што постоеле. Се развиваат иновации во рамките на европската иницијатива „Квантум флагшип“. Во оваа иницијатива се вложени една милијарда евра и ветуваат револуција во нивоата на приватност во нашите дигитални животи. Во последните години постојано се појавуваат информации за нарушување на приватноста во дигиталната сфера, затоа овој новитет е добредојден и во исчекување.
Квантна физика е наука за ситни честички што се однесуваат на непредвидливи начини. Вклучените концепти изгледаат збунувачки – еден предмет е две работи во исто време.
– Квант на многу луѓе им значи многу работи, секогаш се перципира како чудно и бизарно поле ако доаѓаш однадвор од физиката – вели за „Еуроњуз“Роб Тев, физичар на Универзитетот во Женева.
Според Тев, квант може да биде единствен предмет, единечен атом или единечен фотон, единечна честичка на светлината. Квантната физика ги опишува состојбата и однесувањето на најмалите предмети, како што се атомите. Овие мали честици може да бидат во таканаречена суперпозиција. Тоа значи дека може да постојат во различни фази во исто време. Тие исто така може да бидат поврзани без да се на исто место. Ова се нарекува квантна испреплетеност. Научниците сега научија да ги контролираат и да манипулираат со овие мали честици. При таквиот процес тие откриваат нова и спектакуларна технологија. Развојот на ова поле го користи пристапот на квантни генератори на случајни броеви. Тие го користат процесот на случајно однесување на квантните предмети за да генерираат случајни броеви.
Кога станува збор за компјутерските хакери, целокупната компјутерска безбедност се потпира на случајни броеви, но конвенционалното пресметување не е во состојба да генерира случаен број со иста чистота како квантни предмети, што значи дека хакерите што кршат код може да ги предвидат исходите и да ги срушат безбедносните бариери. Но со развојот на новата кавантна технологија, нема да биде така уште долго. Хуго Збинден, квантен физичар на Универзитетот во Женева, води проект наречен „Кјуранч“, чија цел е да направи квантни генератори на случајни броеви, кои ќе бидат помали, побрзи и поевтини, за да може лесно да се интегрираат во секојдневните дигитални уреди. Тој има создадено мал чип, кој го опишува како квантен генератор на случајни броеви што може да генерира милиони битови во секунда и може да се интегрира во паметните телефони и да се користи во многу апликации. Новите чипови создаваат случаен број со пуштање мал ласер на две цели. Никој не може да каже која цел ќе ја погодат.
– Самиот чип може да биде интегриран во покомплексен систем и би можеле да замислите дека има некои проблеми во имплементацијата. Но основата на технологијата, поточно физиката, во неа е нехакирачка – вели Збинден.
Во Барселона, во меѓувреме, научниците работат на следниот чекор – квантниот интернет. На Институтот за фотонски науки, или ИЦФО, тимот покажа прототип на овој нов вид интернет-мрежа, каде што се испраќаат пораки преку неколку фотони, а секој обид за пресретнување на комуникацијата секогаш ќе биде откриен. Хардверот за создавање квантен интернет сè уште не е доразвиен, сертифициран и доволно компактен за да овозможи да се практикува технологијата и има предизвици при испраќање пораки на многу долги растојанија. Иако науката за квантна дистрибуција на случајни броеви и хардверот за неа сѐ уште не се доразвиени, оваа технологија ветува многу во однос на градењето супербезбеден интернет.
– Вашите податоци ќе бидат заштитени, на пример вашите финансиски и здравствени податоци. Исто така, од гледна точка на одбраната и безбедноста, ќе има значителна придобивка, а да не зборуваме за обезбедување електрични мрежи или транспортни мрежи – објаснува Валерио Прунери, координатор на проектот „Цивик“ во ИЦФО/ИЦРЕА.