Од корпорацијата „Интел“ пред неколку дена објавија дека успеале да продадат чипови за процесори за вештачка интелигенција во вредност од 1 милијарда долари. Ова е првпат вториот по ред светски произведувач на чипови да објави какви било информации за своите заработки, а познавачите сметаат дека тоа се должи на брзата експанзија на нивните најголеми конкуренти „Енвидија“. Со драстичната стагнација на продажбата на персоналните компјутери, „Интел“ се сврте и се потпре на продажбата на делови на фирмите што работат со менаџирање податоци и компании, кои обезбедуваат компјутерска инфраструктура за мобилни и интернет-апликации. Овие апликации во суштина се потпираат и функционираат со помош на чиповите што ги создава „Интел“, па, така, логично е нивната заработка да биде голема во изминатиот период.
Од друга страна, познавачите на состојбите веруваат дека „графичките“ процесори што ги создава најголемиот конкурент на оваа компанија „Енвидија“ се подобро приспособливи за креирање и развивање на моделите на вештачка интелигенција и дека полека оваа компанија ќе го презема пазарот за овој вид чипови од „Интел“.
Извршниот потпретседател и генерален менаџер на центарот за податоци на „Интел“, Навин Шеној, изјави дека неговата компанија успеала да ги модифицира и приспособи процесорите што ги произведува за да бидат 200 пати подобри при тренирањето на вештачката интелигенција во последните неколку години. Поради оваа адаптација на процесорите, компанијата успеала да заработи дури 1 милијарда долари од продажба на моделот „ксенон“ во 2017 година, додека целосниот обрт на компанијата за минатата година изнесувал 62,8 милијарди долари.