Пределот е прекрасен и тивок - фото: Маја Јаневска Илиева

#РаскажиНиЗаМакедонија

Прилепско Мариово

Висорамнинската поставеност на областа, карактеристичните варовнички карпи, античките патишта, останките од античките градови, највисокиот кањон во Македонија, а како што велат Мариовци поголем и од кањонот Рио Гранде, најдолгата клисура во Македонија, бујната Црна Река, автентичните етно-села, живописноста на пределот се само мал дел од медените азна на овој крај

Многу преданија, многу легенди, приказни ја раскажуваат судбината на Мариово. Областа позната по Марија, која го спасила крајот од потурчување со тоа што се согласила да му стане жена на турскиот бег во замена да не се населуваат Турци, да не се градат џамии и да не се исламизираат Мариовците. Договорот бил испочитуван и целиот крај бил спасен од насилните потурчувања и теророт. Па во нејзина чест, Мариово го добило своето име.

Висорамнинската поставеност на областа, карактеристичните варовнички карпи, античките патишта, останките од античките градови, највисокиот кањон во Македонија, а како што велат Мариовци поголем и од кањонот Рио Гранде, најдолгата клисура во Македонија, бујната Црна Река, автентичните етно-села, живописноста на пределот се само мал дел од медените азна на овој крај.

Според релјефните одлики, Мариово се смета за котлина, но поради внатрешната разместеност на релјефните облици тоа претставува висорамнина. Зафаќа вкупна површина од 1.038 квадратни километри или 4 отсто од вкупната територија на Македонија. Распространето е во средното сливно подрачје на Црна Река. Оградено е со Ниџе и Кожуф на југ, Селечка Планина на запад, Дрен Планина на север и Козјак со деловите на Кожуф, но планинскиот дел е претежно сув и гол, покриен со малку шума и многу карпест предел.

Мариово не може да се замисли без култната Црна Река – фото: Маја Јаневска Илиева

НА ВИКЕНД ВО ДУЊЕ

Нашата навигација беше поставена да нѐ однесе до прилепско Мариово, првата станица ни беше селото Дуње, каде што има постојано проветрување, па од многу дување се склопило името Дуње. Некои веруваат дека некогаш во крајов имало многу дуњи, но никакви траги не останале.

Оскудна инфраструктура го поврзува прилепско Мариово со Македонија. Тесен асфалтиран пат со значајни оштетувања и симболична сигнализација го држат крајов на дистанца од туристите. Изолиран и запоставен, откинат од светот, потонал во мир и хармонија, сраснал со природата.

Домаќините на етно-куќата „Благибог“, Боге Ристески и Благица Ристеска, нѐ угостија. Ни сервираа доза историја, интересни податоци за селото, за животот некогаш, за животот сега и домашна баничка штотуку испечена. Како што се топи денот, така ние уживаме во задоволствата што ни ги нуди.

– Овде ние продаваме мир и тишина. Нешто што во последно време недостига во урбаните средини. Овде и сонцето поубаво извира – со емоции ни споделува Боге.
Тој е роден и израснат во Дуње. До 15 години го живеел животот на Дуње и Мариово, а потоа се преселил. Носталгијата, жедта по тивок живот, поддршката од семејството, сопругата со синовите го инспирирале да ѝ даде нов живот на старата трошна куќа во која израснал. Ја реставрирал во етно-стил, ја уредил со љубов, ѝ го зачувал наравот и ја дели со секој што сака да вкуси од мариовскиот девствен воздух натопен со полски цвеќиња и билки.

– Убав е овој крај, ама пасивен, запоставен. Последните осум години решив да ја оживеам старата куќа. Имаме потенцијал за развој на селски туризам, луѓето се враќаат кон селата барем на викенд, а во овој предел, колку што знам, нема некој сличен објект за сместување. Убава клима имаме, мирен живот, чиста природа, незагаден воздух. Овде сите болки поминуваат. А со тоа што ќе привлечеме туристи, мислам дека сите би имале корист. Со самата посета на туристите, секој ќе сака да купи сирење од локалните жители, зеленчук органски одгледан овде, мед – вели Боге.
Селото со својата местоположба има клима за велосипедизам, има две мини-акумулации, кои се одлични за прошетки, исто така има и стара црква, ровови од војната, рурална архитектура. Пределот е прекрасен и тивок, мелем за душа.

РЕЗЕРВАТ НА ДИВА КРУША

На времето ова било големо село, со многу жители, а денес на раце се бројат.
Првпат селото се спомнува во 1460 година во турски тефтери и селото имало 13 семејства, па постепено расте бројот на куќите, семејствата, децата.
– Во 1859 година Дуње се спомнува во написи оставени од Јордан Хаџи Костантинов-Џинот. Има некои податоци дека има околу 130 куќи и дека своевремено достигнало селото до 1.227 жители во 1900 година. Подоцна во 1961 година има 800 жители и потоа бројот драстично се намалува. Почнува миграцијата село-град. Жителите почнуваат да ги продаваат овците, се селат и, за жал, денес има едвај 20 жители. Од март до октомври живнува селото за викенд, зиме најчесто е отсечено поради непроодниот пат. На времето имало училиште во кое учеле 250 деца, амбуланта, селска продавница, полициска станица, монопол за откуп на тутун. Селаните ги изградиле, а сега пропаѓаат – раскажува Боге.

Како што вели Боге, крајот е резерват на дива круша, насекаде наникнала. А населението се занимавало со сточарство и полјоделство, многу овци и говеда се чувале, секако, се одгледувале тутун, афион, бостан, а најизразита гранка се свињарството и пчеларството. Мариово изобилува со рудни богатства, ураниум и титаниум, дијатомејска земја.

Куќата на Боге дели ѕид со куќата на Чучук Митра, односно Грозда Мома, која манипулирала со Турците, а им помагала на комитите.
– Мојата баба родена 1900 година ми раскажувала како Чучук Митра или Грозда Мома знаела да ги скрие комитите од Турците, била итра, вистинска Мариовка. им помагала на комитите, им плетела, везела, се викала Грозда, но се криела под псевдонимот Чучук Митра. Таа го везела едно од знамињата на востанијата – се присетува Боге.

Кањонот е восхитувачко дело на природата – фото: Маја Јаневска Илиева

ФАСЦИНАНТЕН КАЊОН

Мариово не може да се замисли без култната Црна Река, во антиката позната како Еригон. Тука е распослана и најдолгата клисура во Македонија – Скочивирската Клисура на реката Црна, чија должина изнесува 100 километри. Како и кањонот Чебрен, издигнат над долината над Црна Река.
Тука е и фамозниот Расимбегов мост, односно дознавме дека целата месност се вика Расимбегов Мост.

– Расимбегов мост бил единствен што го поврзал Мариово преку Црна Река. Но тука сега има остатоци од седум моста, односно столбови. И никој не знае кој е Расимбегов мост. Има муабети дека злато има закопано под него, а легендата вели дека Турците го граделе, односно бегот Расим, сакал да го контролира Мариово, затоа што немале пристап кон него, дури и данок не земале. Тој градел, а Мариовци го уривале и останувале само столбовите. Никако не им дозволувале да изградат мост. Тоа бил, всушност, стратегиски мост – вели Гоце Конески, кој си изградил куќа во месноста Брест, на брегот на Црна Река.

Тој го знае крајов детално. Ни кажа дека кањонот Чебрен е поголем од Рио Гранде и дека е штета да не го видиме погледот оттаму. Возевме по пат граден пред римскиот пат Виа Игнација, кој бил службен, изграден за потребите на војската. Нѐ однесе од далноводот, кој како адреналинска зип-линија се издига над долината на Црна Река.
– Пределов плени со својата недопрена природа. Овој кањон велат дека е поголем од Рио Гранде, дел е од Скочивирската Клисура, која е најдолга во Европа. Живописен, богат со вода, зеленило, ултраатрактивен, не се опишува, само се доживува. Кањонот е на Црна Река, река покрај која, според легендата, војниците на цар Самуил ослепени се враќале и паѓале во водата, па оттука доаѓа и името. Инаку науката вели дека во реката има камења, кои поцрнуваат поради некои природни состојки. Кањонот се наоѓа над селото Манастир, на местото Еленик каде што се влева реката Сатока и по течението на Градешка Река во која се влева реката Сатока. Кањонот е восхитувачко дело на природата – ни сподели Гоце.

Боге и Благица Ристески продаваат мир и тишина во Дуње – фото: Маја Јаневска Илиева

Според неговите сознанија, овде има патишта што се градени во антиката.
– Може да кажеме дека овде се одвивал живот, имало фреквенција на луѓе. Се зборува дека кон месноста Еленик има стар антички службен пат што води кон Градско, Стоби – додава Гоце.
Во близината е селото Манастир има стар манастир од 11 век. По патот се одминуваат две базилики од 4 век. Во местото познато како Палати, во античко време имало палати. Но пределов не е доволно истражен.