#РаскажиНиЗаМакедонија
ПАРК НА ПРИРОДАТА ЕЗЕРАНИ
Кадроглавиот пеликан е најзначајната и најатрактивна птица на Преспа. Популацијата на оваа птица од година на година се зголемува. Ако пред неколку години пописот избројал 1.200 двојки, сега бројката е над 1.600 двојки, што значи над 3.200 кадроглави пеликани.
Иако се гнезди на Мало Преспанско Езеро во Грција, во летните месеци илјадници единки се среќаваат на македонскиот дел на Преспанско Езеро, каде што доаѓаат да се хранат исклучиво со риба. Тој претставува најголема атракција за љубителите на птици. Редовно е присутен во појасот на трската на Езерани, каде што и би можел да се гнезди доколку му е обезбеден мир. Пеликанот не нурка под водата, а само плива на површината. Со силниот инстинкт ги открива јатата со риби и штом ќе долета на целта до него слетуваат јата корморани, кои гонејќи ги рибите со нуркање создаваат симбиоза – заедничка исхрана.
Кадроглавиот пеликан е еден од 216-те вида птици што го надлетуваат Преспанско Езеро. Благодарение на оваа значајна птица паркот на природата Езерани се најде на листата на атрактивни дестинации. Освен кадроглав, има и обичен пеликан. Заедничката бројка достигнува над 6.000 единки.
КЛУЧНО ПОДРАЧЈЕ ЗА БИОДИВЕРЗИТЕТ
Паркот на природата Езерани или познат и како орнитолошкиот резерват се простира по должината на северниот брег од Преспанско Езеро, помеѓу селата Асамати и населбата Сир Хан, кое вообичаено се нарекува Езерани.
Претставува значајно подрачје за птици во светот. Од досега регистрираните 216 вида птици приближно половина од нив се поврзани со водените живеалишта чија заштита е во фокусот на прогласувањето на паркот на природата Езерани во 2012 година. Паркот го надлетуваат црвеноглав кожувар, црн кожувар, калуѓерката, голем корморан, мал корморан, бела и сива чапја…
ФАКТИ
– Има исклучително високата биолошка разновидност
– Езерани е заштитно подрачје од четврта категорија
– Се карактеризира со над 1.500 вида растенија и животни
Богатиот и релативно добро зачуван биодиверзитет на Езерани, особено во контекст на целото Преспанско Езеро, поседува карактеристики значајни на светско, европско и на регионално ниво.
– Езерани е клучно подрачје за биодиверзитет во светски рамки. Во 1996 година Езерани е прогласен за строг природен резерват, што значи ништо не е дозволено, само посети за научни цели. Овој потег ја направи Македонија потписничка на рамстарската конвенција. А потоа во 2012 година е репрогласен за парк на природата од четврта категорија – вели Ајман ал Малла, раководител на секторот за животна средина во општината Ресен.
Езерани е заштитно подрачје од четврта категорија, кое има 1.917 хектари, 1.066 се на копно, 851 е водна површина.
– Водната граница се менува во зависност од осцилациите на водата во езерото. Птиците најмногу време поминуваат овде, овде се хранат, престојуваат, а се гнездат во Мало Преспанско Езеро – вели Горан Стојановски, ренџер во Езерани.
ОРНИТОЛОШКИОТ РЕЗЕРВАТ
Доколку посетителите сакаат да го посетат паркот, треба да се најават во ренџерската служба, која има четири члена, и ќе бидат придружувани за обиколка низ паркот. Така направивме и ние. Уредно се најавивме и ни овозможија да влеземе во уникатниот свет на птиците. Тивко се протнавме по тесната патека. Бесшумно газевме да не ги вознемириме птиците. Во близината на езерото, пред блатниот систем, е изградена набљудувачница, од каде што погледот надалеку се простира. Се гледаат Голем Град, синилото на Преспанско Езеро, околните планини, ридови, шуми, села… Во Езерани владеат птиците и тишината.
Задачата за ренџерите Горан Стојановски, Тони Џеповски, Борче Лазаровски
е комплетна заштита на паркот, без разлика дали станува збор за криволов, нелагален риболов, сечење дрвја, палење пожари, црпење песок. Се трудат да го спречат секое нелегално дејство и велат дека со стапувањето во сила на ренџерската служба се намалени скоро 90 отсто од нелегалните дејства.
– Во почетокот имавме многу нелегални дејства, особено црпење песок и лов на птици, но сега тие значително се намалени. Со промовирањето на паркот се зголемуваат посетителите, посебно ни доаѓаат странски туристи, биолози, оринолози. Секоја година бројот на туристите се зголемува. Во пролет и во лето е најубав. Особено во раните утрински часови кога брегот е полн со птици. Најмногу цел на фотографите, набљудувачите се пеликаните. Па некако и пеликаните се навикнаа на луѓето, па знаат да позираат кога има посетители.
Од 1.200 двојки избројани пред неколку години, сега има 1.600 двојки, а во меѓувреме бројката се зголемува. Имаме голем број и од обичниот пеликан, така што грубо пресметано над 6.000 пеликани се хранат во Преспанско Езеро – ни сподели ренџерот Горан Стојановски.
АВТЕНТИЧЕН ПЕЈЗАЖ
Езерани се карактеризира со вистинска уникатност со над 1.500 вида растенија и животни, над 300 вида растенија. 216 вида птици од кои од околу 100 спаѓаат во водните видови. Што претставуваат 66 отсто од диверзитетот на птици во државата, 42 отсто од Европа. Еден од најважните орнитолошки локалитети.
– На почетокот беа загрозени многу видови, но со спроведување ред заштитни мерки успеавме да вратиме многу од нив. Како што е брајчинската пастрмка. За создавање одржливи капацитети за управување на сливните подрачја и заштитата на природата е направена мониторинг-служба за евалуација на еколошката состојба на езерото, модел за поддршка, следење на квалитетот на водата, изградба на локални капацитети за мониторинг. Создаден е нов општински сектор што ги набљудува сите движења во паркот и во езерото – вели Ајман ал Малла.
Има исклучително високата биолошка разновидност, која се карактеризира со голем број ендемични и автохтони видови, како и поради преспанските пејзажни форми. Од набљудувачницата се набљудуваат живеалиштата на птиците, летот над езерото, нивниот живот во езерото и крај езерото без да се наруши природната рамнотежа од посетителите.
Населението што живее во околината е информирано за протегањето на резерватот и коректно се однесува кон неговото постоење. Поопширни информации за орнитолошкиот резерват Езерани може да се добијат во селото Асамати во информативниот и истражувачки центар, кој е сместен во селскиот задружен дом.
РАЗВОЈ НА ЕКО-ТУРИЗАМ
– Откако е поставена инфраструктура, откако е подобрен квалитетот на водата во езерото, блатните подрачја се проширија, трската никна пак, се вратија многу растителни и животински видови, се спроведе одржлив еко-систем, следно на што ќе се работи е алтернативниот туризам. Има потенцијал за изградба на велосипедски патеки, кајакарење, пешачки патеки со природно соларно осветлување – вели Ајман ал Малла.
Со изградба на мониторинг-станицата, инфоцентарот, еко-бродот, набљудувачницата, воспоставување одржливо управување со подрачјето се создаде инфраструктура за туризам.
– Откако го минимизиравме илегалното, изградивме пречистителна станица, како и брана за намалување на загадувачките материи, заштита од поплави и за зголемување на површините на блатните ливади, со што вративме многу видови во блатниот еко-систем, сега ќе се посветиме на контролиран еко-туризам. Сакаме да ги ставиме природните ресурси во корист за развој на алтернативен туризам. Со својата убавина, пејзажот, содржината на флората и на фауната Преспа нуди голем опсег на туристичка понуда, разни форми на туризам – раскажува Ал Малла.
ЗАСОЛНИШТЕ НА 216 ВИДА ПТИЦИ
Растителниот свет на Преспанската Котлина е мошне разновиден, па оттаму и неговото специфично ботаничко значење со многу шумски и тревни заедници. Од рибите значајно е да се истакне ендемичната поточна брајчинска пастрмка. Најмногу е застапено шумското растение фоја и претставува реткост. Откриени се 160 вида папрати и над 180 вида семени растенија.
– Регионот Преспа може да биде модел за развој на одржлив и одговорен туризам, кој ќе се заснова на своите извонредни природни и културни карактеристики. Преспанскиот регион е добар за развој на еко-туризам чиј туристичкиот развој ќе биде главно базиран во селата и ќе биде од помал обем, со силна едукативна и еколошка димензија. Потоа за набљудување птици. Културен туризам затоа што има исклучително богато културно наследство. Агротуризмот е една од формите на одржлив туристички развој на регионот Преспа и други алтернативни форми – вели раководителот на секторот за животна средина во општината Ресен.
Еко-брод за подобар квалитет на водата
Како дел од проектот за реставрација на еко-системот на Преспанско Езеро патролира еко-брод, кој има софистицирана опрема за следење на квалитетот на водите, езерското дно, живиот свет и други параметри со чија помош ќе се утврдуваат еколошкиот статус и промените во езерото. А исто така изградена е мониторинг-станицата во селото Стење е изградена како дел од проектот за реставрација, која врши редовен месечен мониторинг на квалитетот на водата во езерото. Бевме на терен со екипата за мониторинг со еко-бродот. Направиме мала тура низ езерото. Бевме сведоци додека вадеа вода за испитување, додека на самото место се правеа испитувањата. Им се приближивме на кормораните и на пеликаните додека почиваа на езерото. Се уверивме во беспрекорното работење на целиот тим.
– Мониторинг-станица е опремена со најсовремена лабораторија. Вршиме редовен мониторинг на квалитетот на водата во езерото, што значи испитуваме физички, хемиски параметри, пе-ха на водата, температура на водата, концентрација на растворен кислород, провидноста на водата. Во текот на летото двапати месечно правиме анализи, а во остатокот на годината еднаш. Летно време имаме регистрирано зголемен жив свет. Водата генерално е променливо мезотропна, односно езерото е умерено снабдено со хранливи материи, кои се услов за живот во езерото – вели Моника Радевска, хемиска инженерка во мониторинг-станицата.
Капетанот на еко-бродот, Миле Кочовски, ни кажа дека од девет точки собираат примероци на водата, од различна длабочина.
– Функцијата на еко-бродот е да врши мониторинг на водите во Преспанско Езеро и контрола во паркот на природата Езерани. Испитуваме 9 точки од кои земаме мостри. Според последните резултати, водите се во ред – додава Кочовски.