Долината на Радика е една од најживописните во Македонија Фото: Сања Јачевска

#РаскажиНиЗаМакедонија ТРНИЦА

Занесно е чувството да се следи движењето на Радика, особено кога знаеш дека еден момент газиш на почвата на Кораб, во друг си под небото на Шара. Дури ја набљудуваш нејзината става, суптилно и неосетно ја премостуваш. Од еден масив, во два чекора преминуваш на друг. Оставаш да те гушкаат две планини. Де дишеш од реткиот воздух на Кораб, де се насладуваш од боровинките и малините на Шара. И така до над Луково Поле.

Во Луково Поле е сместено бачилото

Радика во горниот дел од своето течение е мост меѓу возвишените Кораб и Шара. Движечка вододелница. Извира на 2.260 метри надморска височина, на северозапад од врвот Голема Враца на Шар Планина. Максималната должина на речниот тек е 64,7 километри.

ЈАВАЊЕ ПОКРАЈ РАДИКА

Суперлативи го обземаат умот ако одлучиш да ја доживееш долината на Радика на седло. Јавање по должината на трасата на Радика, покрај нејзината долина, е уште една авантура што заслужува да се смести на листата на нешта што треба да се направат.


Комплексот „Кораб Трница“, лоциран на патот Маврово – Дебар и на само шест километри од Мавровско Езеро и 18 километри од манастирот „Св. Јован Бигорски“, има десетина стројни коњи и организира неколку тури со јавање во пределот на Кораб и Шара.

Ние ја искусивме турата до Ничпур. По течението на Беличка Река, до сливот на реката Радика, каде што се сретнуваат планините Шара, Бистра и Кораб, потоа кон Ничпур по течението на Радика. Коњите, галопот на асфалтот, пулсот на водата, медитативната зелена шумска завеса на Шара, сивите сенки на Кораб се совршено наштимани и компонираат симфонија што тивко ревитализира.
Многу туристи, повеќе странски отколку домашни, јавајќи го доживеале текот на Радика. А нели добриот глас на далеку се слуша, па заинтересираноста секој ден расте.

– Организираме четири различни тури. Јавање по течението на Беличка Река околу комплексот, која е најкратка. Втората е по течението на Беличка Река до сливот на Радика и продолжува до селото Ничпур, по течението на реката Радика, околу два часа. Третата е јавање од Трница до селото Волковија по падините на Бистра и прекрасен поглед на Шара. И четвртата по кањонот на реката Радика, во подножјето на Кораб и Шара, посета на бачилото Божина со традиционален ручек. Оваа тура е најдолга, во траење од 6 до 8 часа, а час се јава во подножјето на Кораб, а час во подножјето на Шара и притоа Радика е цело време покрај нас, од стартот каде што се сите три планини Бистра, Кораб и Шара на едно место – Сaстав. Понатаму Бистра ја оставаме зад нас. Патот води покрај селото Ничпур, манастирот „Св. Петка“ и низ поранешното село Стрезимир, каде што сега е полициска станица. Цело време покрај патот има високи букови и чамови дрва, низ кои повремено може да претрча зајак, срна или дива коза. Понатаму сведоци сме на системот Корапско-шарски води, каде што низ карпите од Кораб се спушта цевковод и поминувајќи над патот оди нагоре по карпите на Шара, од каде што водите од Радика се пренасочуваат во Мавровско Езеро. Десно и лево водат патеки до летните бачила на Кораб и Бистра. Турата полека избива над шумата и повеќе нема дрва туку само бескрајни пасишта и стигаме до крајната дестинација, нашето бачило во Божина – ни раскажа Ангела Дабевска, задолжена за секторот туризам во комплексот „Кораб Трница“.

Таа додава дека не е потребно претходно знаење за јавање, така што и оние без искуство може да јаваат благодарение на мирните коњи и водичот, кој го следи движењето на туристите. Располагаат со неколку раси коњи, како липицанер, штаерски, арапски, фризерски и домашна раса бели коњи, а за деца имаат и пони и магаренце.

Од Македонија најчесто доаѓаат туристи од Скопје и генерациски од 16 до 30 години, иако закажуваат и цели семејства. Од странство најчесто има гости од Европа – Германци, Чеси, Полјаци, Холанѓани, Французи.

ДОЛИНА ПОЛНА СО ЖИВОТ

На јасна дневна светлина Радика се прелива во сите нијанси на сина, зелена и тиркизна боја. Долината е полна со живот. Овозможува луксузна релаксација.
По селото Ничпур, турата ја продолживме со џип. Оттука сигналот на телефонот сосема се губи и комплетно им се препушташ на планината и на саундтракот на природата.

Пристапност
– Комплексот е лоциран на патот Маврово – Дебар,
на само 6 километри од Мавровско Езеро и 18 километри од манастирот „Св. Јован Бигорски“
– Турите со коњи се по асфалтен и земјен пат, по должината на течението на Радика
– Околу 20 километри има од Трница до Луково Поле

Нашиот водич на репортажата Јован Дабевски редовно вози на теренот и ги знае сите анегдоти во пределов, сите приказни што низ годините се раскажувале. Но знае и која тревка кога цути, кога се најслатки малините, каде се најгусти боровинките… Ни овозможи преку лупа да ја видиме Радика.

– Своевремено Кораб и Шар Планина биле гушнати. Патот што ги разделил Кораб и Шара е направен уште во 1945 година. Бил прв модерен пат, на него работеле најдобрите инженери од Југославија. Ова своевремено бил многу развиен крај – ни сподели Јован.

По течението на реката има живописна природа со најразлични дрвја и растенија, кањони и карпи во кои има пештери. Карактеристична е по радичката пастрмка.

– Долината на Радика се доживува, не се опишува. На туристите најмногу им се допаѓа тоа што долго јаваат во недопрената природа, покрај бистрата вода, и најслаткото на крајот, кога ќе ги вкусат производите направени во бачилото – додава Дабевска.
Во Луково Поле е сместено бачилото, а кравите, овците, козите можат да се напасуваат со чисти билки, што е важно за квалитетот на производите. Инаку, во зима се враќаат во околината на комплексот „Кораб Трница“.

РАДИКА СЕ ДОЖИВУВА, НЕ СЕ ОПИШУВА

Долината на кадифени цвеќиња со коктел мириси од мајчина душичка, оригано, ајдучка трева, бозел вознесува. Следејќи го текот на Радика, искачувајќи ги планините, фасцинантно е како нејзината силуета се претопува во природата, се моделира според просторот. На моменти е тивка и спокојна, па за кратко се трансформира во брза и бучна. Откако спиралното возење заврши, ги одминавме каптажите за пренасочување на Радика, цевките што ја носат водата во Мавровско Езеро, некогашните касарни, Торбешки мост и месноста Божина, хоризонтот совршено се отвори. Кораб доминираше со шилците што ги прободуваа облаците, а Шара со недогледните ливади. Радика овде е тенок ѓердан на пејзажот.

Факти
– Радика извира на 2.260 метри
надморска височина
– Максималната должина
на речниот тек е 64,7
километри
– Трница е некогашно село
– Од 1945 година е угостителски комплекс

Спиралното корито продолжува, само во значително помал размер, со скромен но кристален водотек.
Широкото Луково Поле позираше само за нас. Панорамата со највисоките врвови во Македонија ни го освежи видикот. Непобитната тишина го навјаса тенкото брмчење на полските мушички и исплашените штурци и скакулци. Кравите во полето се изгубија како мравки. Во бачилото на комплексот нѐ пречекаа телиња, некои стари и само неколку дена, пет-шест шарпланинци, коњот Арап и овчарот Јусуф. Ни преостана да уживавме во чистината на околината.

ТРАДИЦИОНАЛНА ХРАНА

Комплексот „Кораб Трница“ се состои од ресторан, хотел и камп.
– Освен јавање, на гостите им нудиме планинарење, им предлагаме рибарење со наш прибор, возење велосипеди. Сакаме на гостите да им е исполнет денот, во ниеден миг да не им е здодевно. Ресторанот нуди традиционални јадења, млечни производи со овчо и козјо млеко добиено од сопствени стада и произведено во сопствена мандра. Најпознати се киселото млеко, трничкото сирење и корапскиот кашкавал. Има и вкусно печено месо добиено од сопствени фарми на телиња, јагниња и јариња – ни рече Дабевска.

Трница е некогашно село, кое многу одамна останало без жители, па така и без куќи. Од 1945 година е комплекс, на почетокот организиран како задруга што е центар на селата од Горна Река, како за откуп, така и за снабдување.

– Денес Трница е модерен туристички центар. Има и современи фарми, кланица, мандра, продавници. Произведува месни и млечни производи. Зимските фарми се во близина на хотелот и ресторанот, а летните се високо на падините на Кораб и Шара. Вработени се педесетина млади луѓе од околината. Во иднина на Луково Поле, на 1.600 метри надморска височина, сакаме да изградиме бунгалови за натурален туризам за да можат туристите ја почувствуваат одблиску природата – вели Борис Дабевски, менаџер на комплексот.


Еко-туризам покрај Радика

Реката Радика не добива вода од голем извор, туку ја формираат повеќе мали поточиња. Како извор на реката Радика се смета еден помал водотек што се формира на северозапад од врвот Голема Враца, на височина од 2.260 метри. Долината на реката Радика се протега од утоката на Аџина Река до с. Долно Косоврасти, во должина од 39 километри. Во својот тек низ клисурата, Радика изградила и четири кањони.
– Долината на Радика и нејзините притоки е една од најживописните во Македонија. Овде има можности за развој на планинарење, планински велосипедизам, алпинизам, извиднички туризам, риболовен туризам покрај Радика, јавање на магариња и на коњи и друго. Освен напори за создавање сместувачки капацитети, потребно е да се означат сите атрактивности, да се направат паркинг-места со добри видици и сувенирници, а особено добро би било ако има услови за создавање еко-камп и еко-автокамп. Со оглед на тоа дека станува збор за најзначаен простор на националниот парк Маврово, особена грижа треба да се води за заштита и зачувување на животната средина – вели професорот Ивица Милевски.