Фото: Дарко Андоновски

#РаскажиНиЗаМакедонија

Виа Егнација

Трасата на Виа Егнација започнувала од Албанија, поточно од Драч, а завршувала во Цариград, денешен Истанбул, минувајќи низ Македонија и северниот дел од Грција. Тој е најдолг пат граден без престан цели 44 години, а наедно и најскап градежен проект. Долг е околу 800 километри, а во Македонија се протегаат 112 километри, кои се обележани и маркирани со џипиес-уред

Римјаните своевремено биле највешти градители. Биле со најдолга традиција во градењето патишта. Ја увиделе предноста од силните комуникации со сите краишта. Нивните градби оставиле длабока трага во историјата. Најславниот од нивните патишта, патот Виа Егнација врви и низ Македонија. Тој е најдолг пат граден без престан цели 44 години. Римската магистрала е изградена околу 146 г. пр. н.е. Името го носи по Гнеј Егнациј, проконзул на Македонија што ја изградил. Се простирала преку Илирија, Македонија и Тракија, преку денешна Албанија, Македонија, Грција и Турција. Направена е за да се поврзат јадранските колонии со Византиум. Најскапиот градежен проект. Долг е околу 800 километри, а во Македонија се протегаат 112 километри, кои се обележани и маркирани со џипиес-уред. Таа била важна стопанска и стратегиска магистрала со векови и еден од најважните патишта во Византиската Империја.

НАЈСЛАВЕН РИМСКИ ПАТ

Делови од оваа значајна магистрала и ден-денес се среќаваат во Македонија. Трасата на Виа Егнација започнува од границата со Албанија и минува низ нашата земја, поминува покрај Струга, Дебарца, Охрид, Ресен и Битола, и продолжува во Грција.
Годините го натежнале над патот. Избледеле остатоците. Камењата нашле примена за некои други цели. Се реинкарнирале во огради, завршиле во нечии дворови. Се скриле под грмушки. Потонале во земја. На некој пат никнал и нов пат.
Во Радожда, на десетина минути од крајбрежјето на Охридско Езеро, останал дел од фамозниот пат, сличен на калдрма. Овде јасно се познава патот, силни траги останале. Тој е правлив, нерамен, запоставен и незаштитен. Само локалното население го гази патот, го користи за прошетки, за транспорт на дрва со своите коњи и магариња, за пасење на добитокот.

– Во текот на тригодишните кампањи, реализирани се археолошки рекогносцирања и топографски опсервации на патот Виа Егнација, врз основа на кои е дојдено до следните резултати. Трасата на Виа Егнација започнувала од Албанија, поточно од Драч, па завршува во Цариград, денешен Истанбул, минувајќи низ Македонија и северниот дел од Грција. На територија на денешна Р Северна Македонија, правецот на движење на овој пат започнува од изворот на Шелгут, веднаш под граничниот премин Ќафасан, лево до патот за Лин (Подградец), во кругот на поранешната воена касарна, каде што можат да се сретнат остатоци од подградниот ѕид, кој е граден од полигонални, пред сѐ ромбовидни камени блокови. Зачуван е во должина од околу 30 метри, а со височина од над два метра, и истиот тој ѝ припаѓа не само на Виа Егнација, туку и на Старобалканскиот (Кандавискиот – Илирскиот) пат. Правецот на движење продолжува од селото Радожда каде што е зачуван во должина од 100 метри, па во правец Калишта – Струга Подмоље, следејќи ја линијата на езерскиот брег, врз која е послан стариот пат Струга – Охрид. Понатаму го следи правецот кон „Свети Еразмо“ и продолжува кон градскиот дел од денешен Охрид. Излегува од градската средина и продолжува кон Ресен преку Буковскиот мост, Прентовиот мост, Бистренскиот мост, ја преминува Лажачка Река преку Коњскиот мост. Во атарот на селото Доленци каде што се наоѓа воен логор (каструм), се среќаваат остатоци од римски мост и дел од трасата. Продолжува кон Хераклеја Линкестис и оди во правец кон соседна Грција, каде што во атарот на селото Драгош се пронајдени остатоци од конструктивните елементи на патот – нѐ информира Миле Велчовски, археолог советник, конзерватор при НУ „Национален конзерваторски центар“, Скопје.

Во Радожда има дел што сè уште се користи како патека

ОБЕЛЕЖАНА ТРАСАТА ВО МАКЕДОНИЈА

Вековна историја натежнала на овие камења, која полека се покрива со заборав.
Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот инспирирана од турите во соседството, кои се организираат од почетокот до крајот на магистралата, решила да му даде нова сигнализација на патот. Да им помогне да туристите полесно да ги лоцираат остатоците од Виа Егнација во Македонија, а секако и да ја зголеми туристичката понуда.

Денес има малку остатоци од патот Виа Егнација

– Бидејќи ова е еден од најпознатите светски патишта, a ја имаме таа чест oвој пат да поминува токму низ нашата земја инициравме проект за обележување на овој пат. На тој начин ќе се промовираат алтернативниот и руралниот туризам и ќе стане достапен еден извонреден предел со исконски и недоволно откриени вредности. Во Македонија немаше речиси никакво обележје за патот Виа Егнација, а нѐ посетуваат доста странски туристи што се заинтересирани за трасата каде што поминувал патот.

Факти
Во 146 година пр. н.е. овој пат е обновен од проконзулот Гнеј Егнациј
Граден е 44 години
Се организираат туристички тури по патот

Бидејќи веќе во соседните земји се организираат разни прекугранични настани преку меѓународната фондација „Виа Егнација“, која е формирана во 2007 година, во 2009 година од страна на фондацијата е организиран карван со пешачење почнувајќи од Драч преку Охрид, Битола до границата со Грција. Учесниците во овој карван имале проблеми со пронаоѓањето на трасата во околината на Ресен, бидејќи, за жал, врз остатокот од Виа Егнација во околината на Ресен во минатото е изграден автопатот на тој дел. Тоа беше иницијативна каписла за да започнеме со реализација на овој проект – ни изјави Александар Ѓорѓиевски од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ПАТОТ Е ОШТЕТЕН

Во рамките на проектот за обележување и мапирање на патот Виа Егнација, поставени се 13 инфотабли со локации каде што поминува патот и 5 милјокази, кои беа изработени во автентичен стил како што е оригиналниот милјоказ што се наоѓа во црквата „Св. Ѓорѓија“ во Струга. Милјоказите во тоа време биле изработени од камен и биле со големина од 80 сантиметри и означувале колку милји има до следната дестинација.

Хераклеа

– Овој проект е наменет за домашни и за странски туристи, секако, тука најголема корист ќе има локалното население што живее по должината на патот, кое овој пат ќе може да го користи за пешачки и велосипедски патеки, но и за меѓународни тури бидејќи веќе во другите земји каде што поминува Виа Егнација се прават меѓународни тури по трасата на римскиот пат. Вистинска атракција се деловите каде што е можно туристите да се движат со коњи и магариња автентично како што се патувало некогаш на овој пат – вели Ѓорѓиевски.

Според Алекандар, тешко можело да се лоцираат остатоците од патот, затоа што многу време има поминато, и никој не се грижи за заштита на овој римски пат.
– По создавањето на националните граници во 19 и почетокот на 20 век Виа Егнација ја има изгубено својата функција поради проширувањето на земјоделското земјиште, многу од камените плочи од патот се искористени за други намени, исто голем дел од патот е уништен на одредени локации, покриен е од ерозивни форми, а дел е покриен со густа вегетација, но во соработка со Дирекцијата за културно наследство, која ни помогна за точната локација на патот и во соработка со неа беа одредени локациите за инфотаблите каде што поминувал патот Виа Егнација. Голема помош имавме и од Бојан Ранташа, кој со својот велосипед ја помина целата траса на Виа Егнација каде што има снимено и видео и ГПС-мапирање од целата траса – ни сподели Александар.

ГОЛЕМО МИЛИТАНТНО И ЕКОНОМСКО ЗНАЧЕЊЕ

Годинава е предвидено да се изработи водич за Виа Егнација во кој ќе бидат опфатени сите податоци за древниот пат.

– Денес има малку остатоци од патот Виа Егнација. На повеќе места каде што минувал патот има остатоци од калдрмата, кај Радожда, кај охридското село Велгошти во близината на црквата „Свети Петар и Павле“ и на планината Исток. Во Битола има доста остатоци во поголем број села од патот. Јас би упатил еден апел до локалното население да продолжи да ги чува и одржува остатоците од Виа Егнација бидејќи без нивна помош не би можеле да го промовираме пред домашните и пред странските туристи – апелира Александар.

Виктор Бушиновски, водич и едукатор во институцијата Завод за заштита на спомениците на културата во Битола, ни раскажа дека овој пат е трасиран во времето на Филиповите освојувања и Александровите освојувања, а во 146 година пред нашата ера овој пат е обновен под надлежност на проконзулот Гнеј Егнациј, тој е задолжен за набљудување и супервизија на реконструкција на патот.

– Патот првично има милитантно значење, се користел за потребите на војската, за стационирање на воените единици, кои биле доста густо стационирани во Македонија во текот на првиот век пред нашата ера. Кога многу македонски градови добиваат значење на стратегиски позиции. Во почетокот Хераклеја е една помала населба, и затоа патот е изграден за стационирање на војските, за полесно нивно распоредување, а со текот на времето патот добива и значајна економска важност. Хераклеја станува точка за главните комуникациски врски на Рим. Хераклеја станува еден вид своевиден дистрибутивен и економски центар во овој дел на Македонија. Од тие причини градот се развива во еден поголем град.

Во тој период благодарение на таа позиција Виа Егнација имала значајно комуникациско и трговско значење, многу повеќе отколку воено – објаснува Виктор – објаснува Виктор.


Патот Виа Егнација ја развил Македонија

Патот во минатото ги поврзувал Западното и Источното Римско Царство и бил важна стопанска и стратегиска магистрала што со векови била една од најважните патишта во Византиската Империја. Виа Егнација бил еден од 28 пата, кој се простирале низ Римската Империја патот водел преку Илирија, Македонија и Тракија т.е. преку денешна Албанија, Македонија, Грција и Турција. Првенствено овој пат бил направен за воени дејства, но со текот на времето презел значајна економска и социјална улога. По падот на Римската Империја Византијците го наследуваат патот, а по нив Османлиите го користат за транспорт на војската.
Виа Егнација е повеќекратно важен пат за македонската историја, пред сè поради фактот што директно влијаел за создавање нови градови и нивни процут во секоја смисла. Од неа започнувале или се надоврзувале речиси сите римски патишта на Балканот, така што Македонија со право се сметала за една од главните крстосници на Римското Царство. Благодарение на патот сите новитети носени од Стамбол до Рим и обратно поминувале низ Македонија оставајќи материјални и други траги – додава Александар Ѓорѓиевски.

[email protected]