#РаскажиНиЗаМакедонија
ЛЕШНИЦА

Пронајдете екстаза во животот, самото чувство дека живеете е радост сама по себе, е мудрост на поетесата Емили Дикинсон. Лешница за многумина е вистинска екстаза. Прекумерно занесно одушевување. Ја нарекуваат круна на Шар Планина. Највкусниот гриз од планината. Природата со сите свои бои насликала шармантен и колоритен дизајн. Создала непроценлива уметност. Бајковит пејзаж.
Лешница e долина на Шар Планина, која се наоѓа во средишниот дел, односно во градниот кош на Шар Планина во пределот на највисоките шарски врвови, помеѓу врвовите Среден Камен и Плат, на околу 17 километри северозападно од Попова Шапка. Оваа мала долина се протега на простор од околу 1.000 хектари и е распространета помеѓу клисурите на: Пена, Лешничка Река, Кривошијска Река и Скакалска Река.

ПЕЈЗАЖ ШТО РЕСЕТИРА

На југозапад е оградена со највисокиот Титов Врв, додека на југоисток со вториот највисок врв Бакардан, на запад со Среден Камен и на исток со Плат, додека кон север е отворена и се спојува со долината на реката Пена, во нејзиното горно сливно и изворишно подрачје. Се дели на Долна Лешница сместена на надморска височина од 1.450 метри и Горна Лешница извишена на 2.221 метар надморска височина.
Тоникот на дивината најдобро се густира пеш, за да можат да се апсорбираат сите клетки на планината, сите живи организми во природата. Има многу патеки што водат до целта, а ние ја избравме Шапка за почетна позиција. Остриот планински здив експресно нѐ расони. Газевме по широк земјен пат со поглед на бујни борови шуми потонати во ниски облаци. Го поминавме бачилото Церипашина, се доближивме до седлото под врвот Плат, висок 2.398 метри надморска височина, целосно соголен и обраснат со трева и грмушки со боровинки. Оттука за еден час се искачува Плат. Овој врв меѓу планинарите е познат како најубавата точка за фотографирање поради прекрасните глетки на стрмната долина Лешница, целата долина на Пена, врвовите Среден Камен, Шар или Титов Врв, Казаниште, Караниколица и пределите Церипашина Планина и Брезов Камен. Истовремено, стрмните падини под сртот се оценети како најдоброто место за турно-скијање надвор од обележаните ски-патеки. Од точката на седлото под Плат е исцртан фамозен пејзаж од планина.


Пристапност

Се тргнува од Попова Шапка,се движи по патот за Јелак,по широк земјен пат се пешачи околу два часа до Горна Лешница, потоа низ долината патот постепено води кон Долна Лешница, Вкупно околу шест часа е турата до селото Бозовце


Понатаму чекор по чекор низ блага стрмнина се спуштаме во свежите ливади на Горна Лешница. Лешничкиот Водопад под диригентската палка на ветерот компонираше смирувачка музика. Задолжително се распославме покрај течението на реката Лешница. Слушавме како одекнува повикот на дивината. Денот добива цена кога ќе му додадете планински воздух, почивка среде дивина, врз пространа ледина, малку мир и тишина. Овде природата дава жетон што ресетира. Ги полни испразнетите ментални ресурси.

ВОДОПАДИ, РЕКИ И КАДИ

– Силуетата на Лешница е совршенство во прекумерни димензии. Се одликува со изразит алпски крајолик и карактер, со високи карпи, тревни предели и густа зимзелена и букова шума. Како и со богата ендемична флора и фауна, која може да се најде само на ова место, особено од шумски плодови како боровинки, малини и разни видови билки и растенија – вели Марио Шаревски, нашиот водич на турата, вљубеник во планините.

Откако се наљубивме со мирисот на свежа трева и со ехото на Лешнички Водопад, ги наполнивме резервите со води и се оддалечивме од Горна Лешница. Безшумно почнавме да влегуваме во зоната на Долна Лешница. Низ широк земјен пат влеговме сред дебела шума. Маркираните дрвја ни беа водилки. Пешачевме по течението на Пена. Им се восхитувавме на врвовите над Лешница. Боровите шуми го натопиле пределов со зелена нијанса. А аромата на планината што е микс од чаеви, неброени билки, полски цвеќиња, зимзелени дрвја и шумски плодови создава чувство на опиеност.

– Она што ја прави Лешница најпривлечен и можеби најубав предел на Шар Планина се нејзините извонредни природни убавини и глетки, самиот крајолик што го сочинуваат највисоките шарски врвови, кои величествено ги опкружуваат Лешница, големиот Лешнички Водопад што шумоли на Горна Лешница, густата недопрена шума од елки и борови по текот на Лешничка Река сѐ до нејзиниот влив во Пена во Долна Лешница, чудесните карпести облици на падините на Плат и на Среден Камен, кои ја заградуваат долината на Лешница од лево и од десно, односно од исток и од запад – раскажува Шаревски.

Следен чекор ни беше скршнување од патот и нурнување во шумскиот појас, каде што умешно е скриено богатството на Лешница. На околу дваесетина минути пешачење по тесната шумска патека, покрај високата трева, разлулани мовчиња се стигнува до чудата, кои природата со свои раце ги извајала. Лукаво скриени. Недопрени. Мали бучни водопади на Кривошијска Река, кои паѓаат во камени кади. Полуотворени пештери. Создавајќи ледени базени, во кои стапалата едвај неколку минути издржуваат. Меурчињата генерирани од силниот млаз танцуваат на ритамот на сончевите зраци и издишуваат во воздухот како ѕвезден прав. Глетка што одѕвонува во мислите.

ВЕЛИЧЕСТВЕНИ ВРВОВИ

Трасата по која Шаревски најчесто се движи и пристапува до долината на Лешница е преку добро обележаната планинарска патека што води од Попова Шапка.
– Тргнувајќи од Шапка трасата се движи по патот за Јелак, достигнува до бачилото Церипашина и потокот Чарк од каде што се искачува до планинското седло (превој) високо 2.154 метри, помеѓу врвот Плат и пределот Казаниште на гребенот на Церипашина Планина. Оттука каде што е поставена и дрвена патоказна табла, патеката навлегува и се спушта најпрвин на Горна Лешница, крај Лешничкиот Водопад, крај ливади со планински чај и со голем број цвеќиња, а потоа стигнувајќи до бачилата по малку поширок земјен пат се спушта сѐ до Долна Лешница, каде што има голем број ливади погодни за излет и за кампување и каде што е крстопатот на повеќе од шест планинарски патеки, кои оттука водат до Кривошискиот Водопад со познатите карпести слапови со „кади и лонци“, изворите на Пена, Караниколичко Езеро. Постои можност и за обратно пристапување и искачување низ Лешница со пристап од селото Бозовце, но тоа е навистина многу потежок правец како за возила така и за пешачење и за планинарење и е погоден за оние што се поподготвени, како што се впрочем планинските тркачи, кои пред некоја година имаа настан во планинско трчање насловен „Лешница вертикал километар“ со совладување висинска разлика од 1.000 метри (1 км) – опширно раскажува Марио.

По патеката се среќаваат големиот број шарски врвови од Кобилица, Љубински Уши (Трескавец), Шилиџе, Вртоп во далечината на север, Јелачки Црн Врв непосредно под самиот пат над Јелак, карпите и прашумата околу Брезов Камен, врвовите Плат, Среден Камен, Титов Врв и Бакардан, а потоа и сите природни убавини во долината на Лешница. Движењето трае околу пет часа, секако со паузи за фотографирање и мечтаење.
– Она што мене лично ме воодушевува како планинар и љубител на природата се извонредните природни убавини што ги содржи долината на Лешница. Природни убавини и реткости, кои го пленат погледот и ја полнат душата. Величествените врвови, грамадните карпи, бучните водопади и брзаци на реката, густата зимзелена шума и сето тоа погалено од сонцето и ведрото небо се глетка што длабоко се врежува во сеќавањето и душата и секогаш буди убави чувства – додава Шаревски.
Нашата траса за враќање на асфалтот беше кон селото Бозовце. Ни останаа околу два часа пешачење. И повторно преку шуми, соборени дрвја, потоци, мостови на реката Пена, на широк земјен пат, до селото Бозовце.


Факти

– Разновидна флора и фауна
– Во Лешница извираат Кривошијска Река, Лешничка Река, Пена
– Најатрактивни се Кривошискиот Водопад и фамозните кади


ДИВИ РОЗИ, ПАПРАТ, БОРОВИНКИ

И Владимир Јаневски, планинар и љубител на Шар Планина, ни потврди дека пределот е богат со вода. Изворите на Лешничка Река се наоѓаат во подножјето на врвовите Бакардан и Титов Врв.
– Лешничка река по своето течение поминува низ прекрасната Лешничка Клисура преку месноста Горна Лешница, која е сместена помеѓу планинските масиви на Среден Камен и врвот Плат. Клисурата на Лешничка Река е многу живописна, особено во делот од водопадот по сѐ до влевањето во Кривошијска Река во месноста Долна Лешница. Лешничка Река е издашна со вода преку целата година и претставува мал еко-систем за разни видови водоземци и планинска пастрмка – вели Владимир Јаневски,
Флората на овој локалитет ја сочинуваат повеќе видови високостеблести и нискостеблести дрвни видови, грмушки и зелјести растенија: ела, бука и смрча, тиса, јаребика, повеќе видови диви рози, капини, малини, папрат и боровинки.
– Прекрасните предели и планински врвови како разновидноста на флората и фауната биле причина од дамнешни времиња овој локалитет да биде посетуван од разни научници и љубители на природата воопшто. Како мал куриозитет може да се каже дека во месноста Плат природно се наоѓа мала заедница на пелистерскиот бор, моликата, за кој до неодамна се мислеше дека природно е застапен само на Пелистер – раскажува Владимир.

Тука извира и Кривошијска Река од северната страна под високите карпи на Титов Врв и на Среден Рид. Кањонот на Кривошијска Река е најубавиот кањон во оваа област.
– Реката изобилува со вода преку целата година, реката движејќи се по коритото на некои места формира природни водопади, засеци и кади по што може да се каже дека е уникатна по својата убавина. Кањонот на Кривошијска Река честопати е посетуван од домашни туристи и од планинари, до него водат обележани шумски патки, но не е доволно промовиран за посети на странски туристи и љубители на природата од причина што не постои туристичко биро на Попова Шапка – вели Јаневски.
Кривошијска Река се влева во Лешничка Река во месноста Долна Лешница од каде што понатаму се формира реката Пена.
– Тетовската река (Пена), извира во подножјето на врвот Џинибег, кој се наоѓа зад врвовите Мал Турчин и Титов Врв. Исто како и претходните две реки по својот тек поминува низ прекрасна клисура – додава Владимир.

ТУРИ ВО ДИВИНА

Фауната во овој локалитет и пошироко е разновидна и се состои од повеќе видови крупен и ситен дивеч: кафеава мечка, дива коза, дива свиња, срна, како и разни видови верверици, волухарици (пухови), зајаци и други глодачи. Исто така застапени се повеќе видови водоземци и риби како и разни видови змии, поскок, шарка и др. Од птиците се застапени орелот, јастребот, ветрушката, бувот, гавранот, свраката, златовраната и разни помали видови шумски птици.

– Локалитетот Лешница и пошироко претставува заштитена зона за лов и е државно ловиште од отворен карактер. Со ловот стопанисува „Македонски шуми“ во согласност со планови за лов. Ловиштето секоја година е посетено од странски ловци, кои вршат контролиран отстрел на дива коза. Шар Планина, особено локалитетот Лешница, преку цела година нуди услови за посета на разни видови љубители на природата, планинари и велосипедисти. Постои велосипедска патека од Попова Шапка до месноста Лешница со можност истата таа да се продолжи по левата притока на реката Пена и да помине низ селата: Бозовце, Вешала, Бродец, Шипковица сѐ до Тетово. Алтернативна патека за планински велосипедизам е од месноста Лешница по трасата на водоводот за Тетово.

Големиот број бачила и близината на повеќе населени места нудат услови во иднина на Шар Планина да се развие еден нов вид алтернативен туризам своевиден спој на планинарски и рурален етно-туризам, за што се потребни мали вложувања во изградба на инфраструктура и обука на лиценцирани водичи, па преку обележување планинарски патеки, кои би воделе до планинските села и до идните алтернативни рурални сместувачки капацитети, каде што на туристите и на љубителите на природата би им се понудиле еколошки здрава храна и традиционални производи од регионот – сугерира Владимир Јаневски.