Нова книга за деца на Златко Жоглев-Олгин

Неодамна во издание на Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик при Педагошкиот факултет – Битола, објавена е новата стихозбирка за деца „Портокаловото човече“ од проф. д-р Златко Жоглев-Олгин.

– Оваа книга е напишана под силна инспирација од нашата прва внука Дениција Петровска, а повод е нејзиниот петти роденден. Инспирација за песните се нејзините извонредни цртежи, посебно оние што ги цртала во последните две години – вели авторот Жоглев.

Уредник на изданието е проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска, графичкото уредување и обликување е на проф. Весна Мундишевска Велјановска, лектор е Христијан Аџиоска, цртежите се на малечката уметница Дениција Петровска, а рецензентка е д-р Гордана Стојаноска, која за книгата ќе рече:
„Иако се состои од пет подолги песнички: Портокаловото човече, Маченцето Љубица, Лисичињата, Трите волшебни мачиња и Бувчињата; тоа е книга што изобилува со разиграност, фантазија, светлина и љубов. А кога сме веќе кај љубовта, неа ја има во сите можни димензии и форми“.

Оваа книга, освен што е роденденски подарок за Дениција, се надеваме дека ќе биде радост и убав подарок за уште многу дечиња.

Златко Жоглев (1959, Битола) е доктор по социолошки науки, редовен професор на Педагошкиот факултет во Битола. Пишува проза, поезија и литературна критика, преведувал од руски и од бугарски на македонски јазик. Тој е еден од иницијаторите и основачите на универзитетскиот литературен клуб „Дениција“ при Педагошкиот факултет – Битола. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Битолскиот книжевен круг, на Македонското научно друштво – Битола и на Српската академија за образование. Член е на редакцијата на списанието за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“. Златко Жоглев пишува литература за деца повеќе од дваесет години, а ги објавил трите песнарки-боенки „Мечката и штркот“, „Снаодливото јаренце“ и „Зајко Бајко и кучето Трајко“. Ф.Д.


 

Бувчиња

Фамилија Бувчиња си живееле,
во шумата мирно и не дивееле.

Најнапред на сите бил на чело
и ја водел фамилијата смело,
бувот дедо, кој бил многу храбар
и не се плашел од дедо медо.

Тој бил многу умен, многу мудар
со никого не сакал кавга, судар,
а сѐ можело да се реши
со еден удар.

Тука била и една мудра баба Бувка
на главата имала од пердуви
пуфка.

Тука била бувката Мама и
бувот Тато
и бувката Дада и малото
бувче Бато.

Мајката бувка на своите
дечиња-бувчиња
им правела од пердувите
мали пуфчиња,
за да бидат тие убави и слатки
да не мислат на носињата кратки.

Мајката бувка за децата била
како вистинска квачка
не дозволувала да им се доближи ни страчка ни мачка.

Таткото був наоѓал за сите храна
и затоа ништо не му било брана –
тој ловел глувчиња
за малите бувчиња.

Мајката бувка ги учела бувчињата
како да колват зрна
и кога е светло и кога е ноќ црна.

Таткото був
ги учел бувчињата
како треба глувчиња
низ шумата да бркаат,
а мајката како треба тие
топла чорба да си сркаат.

Но, и мајката и таткото
ги учеле први
како да се скријат тие
во некое дрво,

кога ќе видат непријатели,
животни чудни, разни
да се скријат тие брзо
во седела топли мазни.

За дедото був
кој бил учител вреден,
учењето било прво,
во план преден.

Таблата им била високо,
на едно дрво,
но требало да се најде
една креда прво.

Секое од бувчињата,
морало да учи,
не само со главата
да врти, да сучи.

Бабата бувка
им кажувала многу убави сказни,
а дедото був – приказни разни.

Бувчињата – дада и бато,
секој ден на воздух ги вадеа,
и со шумска храна
тие си се сладеа.

Иако гранките
по малку им сметаа
тие низ шумата
со радост си летаа.

Бувчињата нека бидат живи
и здрави,
тие ќе пораснат големи
– јунаци прави.

Златко Жоглев-Олгин
(од книгата „Портокаловото човече“, 2021г.)