Некои здравствени состојби можат да предизвикаат појава на влакна. Најчести можни причини за оваа иритирачка појава се хормонскиот дисбаланс, полицистични јајчници, менопауза, синдромот Кушинг, хиперплазија на надбубрежните жлезди и наследни фактори. Жените обично се обидуваат сами да се ослободат од влакната на лицето со бричење, депилација, електролиза, ласери или кремови, но всушност најпрво треба да се консултираат со дерматолог, гинеколог или ендокринолог пред да се одлучат за некој од овие методи.
Една од најчестите причини за хирзутизам е хормонскиот дисбаланс – нерамнотежа помеѓу машките и женските хормони, особено тестостерон и естроген. Тестостерон е хормон што го стимулира растот на влакната на лицето и телото, додека естрогенот има спротивно дејство. Ако жената има премногу тестостерон или премалку естроген, тоа може да доведе до прекумерна појава на влакна. Овој хормонски дисбаланс може да биде предизвикан од различни фактори, како стрес, дебелина, старост, лекови, болести и бременост. Важно е да се знае причината за појавата на влакна на лицето (и на другите делови од телото) бидејќи тоа може да биде знак за некој потежок здравствен проблем, како што е синдромот на полицистични јајчници. Тоа е состојба што влијае на хормоните и може да доведе до проблеми со плодноста, дебелина, дијабетес, срцеви заболувања и депресија.
Препораката е жените што имаат изразено повеќе влакна по телото и други симптоми да се обратат на доктор. Кај синдромот на полицистични јајчници, поради хормоните е нарушена работата на јајчниците што доведува до настанување мали цисти на нив. Причината може да биде високо ниво на тестостерон и ниско ниво на естроген, што резултира со зголемен пораст на влакната на лицето и телото, како и со други симптоми, како што се неправилни менструални циклуси, акни, дебелина, проблеми со плодноста и појава на инсулинска резистенција. Исто така за време на менопаузата, нивото на естроген опаѓа, додека нивото на тестостерон останува исто или благо се зголемува. Тоа може да доведе до појава на влакна на лицето и други промени, како што се ноќно потење, сувост на вагината, промени во расположението, намалено либидо и остеопороза. Менопаузата може да се ублажи со разни методи, како што се хормонска терапија, билни препарати, диета и вежбање.