Фото: Пиксабеј

Нега и убавина

Доколку ја гледаме површно, можеме да кажеме дека јогата е пасивна, за оние што воопшто не сакаат да се рекреираат. Всушност, таа не е спорт туку дисциплина, која е многу повеќе од физичко ангажирање. Јогата е толку универзална што секој пат што води до самоспознание може да се нарече јога. Не е важно дали чекориме по овој или по оној пат, важно е да чекориме правилно и да бидеме жедни и желни за вистината.
Јогата разбрана на таков начин е универзална и широка дисциплина што ќе го спаси светот и ќе го обедини во идејата дека духовноста е универзална и единствена вредност. Да имаш една така универзална пракса во светот на егото и во војните околу илузорни идентитети е голема работа. Додека нашиот ум ја има круната и го води нашето царство, за вистината е потребно нешто сосема друго. Да ја почувствуваш во суптилните сфери на своето постоење е уметност. Јогата во својата суштина е наука за животот. Во неа нема мистика, ниту фантазија. Но таа дава пракси до својот шести степен; а последните две нивоа на еволуција на свеста ќе се случат сами, кога ќе бидеме подготвени. Да, тоа е моментот кога стануваме уметници на живеењето.