Фото: Пиксабеј

Нега и убавина

Квалитетот на сонот, хронотиповите и регенерацијата на мозокот се клучни за здравјето. Дознајте како вашиот биолошки ритам влијае на енергијата, меморијата и на емоционалната стабилност. Во време кога брзината се цени повеќе од одморот, сонот стана запоставена потреба. Неврофизиолозите предупредуваат дека спиењето не е луксуз, туку темел на здравјето. Начинот на кој спиеме директно влијае на нашата енергија, расположението, работата на мозокот, меморијата и емотивната рамнотежа, па затоа квалитетот на сонот е поважен од кога било.
Спиењето е физиолошки процес без кој не можеме да живееме. Тоа има исклучително важна улога во закрепнувањето на целото тело и функционирањето на нашиот мозок. Сонот не е пасивна состојба, туку активен процес при кој мозокот се регенерира, обработува информации и го подготвува телото за нов ден. За време на спиењето, нашиот организам минува низ репарација – од метаболичко закрепнување до обновување на енергијата и менталната јасност. Поради лошиот сон, мозокот старее побрзо. Бидејќи мозокот поседува невропластичност – способност да се менува во текот на животот – лошите навики на спиење директно влијаат на тие промени. Многумина од нас го потиснуваат сонот поради обврски, работа или стрес. Но како што телото памети исцрпеност, така мозокот памети недостиг од сон. Тие навики можеме и мораме да ги промениме. Веќе по неколку дена подобар сон чувствуваме разлика во функционирањето.
Иако постои популарна теорија за краткоспијачите, таквите случаи се исклучително ретки. Само околу еден процент од луѓето навистина можат да функционираат со три-четири часа сон. За сите други, оптимални се шест-осум часа секоја ноќ. Како познати краткоспијачи често се споменуваат Никола Тесла, Винстон Черчил или Маргарет Тачер, но тие се исклучоци, а не правило.