Благодатите на пилатесот во вода
Во последниве неколку години приврзаниците на пилатесот во Италија добија можност овие вежби да ги прават во базените. Тим стручњаци за фитнес ги промовираше со напомена дека тоа не се вежби познати како „аквагум“, туку пилатес приспособен за услови во поинаква средина.
Основната цел на овие пилатес-вежби е подобрување на исправеното држење на телото, јакнење на стомачните и на послабите мускули и совладување на техниката на правилно дишење. Вежбите во базен се прават во вода на температура од 30 степени, што овозможува подобро истегнување на мускулите, а се смета дека најголемата предност е во тоа што притисокот на средината е постојано ист. Тоа придонесува сите движења да се изведуваат полесно, па може да се направи и она што е инаку доста тешко. Водата им дава цврстина на мускулите на нозете, на стомакот и глутеусот (задникот), а и циркулацијата се зголемува. Пилатесот во вода се изведува во мали групи, максимум по шест лица, во ритамот на музика. Сеансата трае 45 минути.