Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Елизабета Димоска Чифлигароска, специјалист физијатар, супспецијалист ревматолог

Колагенот е еден од најважните протеини во човечкото тело и претставува основен „градежен материјал“ за сврзното ткиво. Тој сочинува околу 30% од вкупниот протеин во организмот и има клучна улога во здравјето на коските, тетивите, лигаментите, зглобовите, кожата и крвните садови. Иако често се поврзува со убавината и младешкиот изглед на кожата, неговото значење за мускулно-скелетниот систем е далеку поголемо и суштинско за секојдневното функционирање.

Што е колаген?

Колагенот е структурен протеин составен од аминокиселини, меѓу кои најзастапени се глицин, пролин и хидроксипролин. Постојат повеќе од 20 типови колаген, но најзначајни за коските и зглобовите се:
Тип I – доминантен во коските, тетивите и лигаментите
Тип II – главна компонента на зглобната рскавица
Тип III – присутен во сврзното ткиво и крвните садови
Овие типови работат заедно за да обезбедат цврстина, еластичност и отпорност на ткивата.

Улогата на колагенот во здравјето на коските

Коските не се само тврди структури составени од калциум. Тие имаат органска матрица, чија основа е колагенот. Колагенските влакна создаваат мрежа која ѝ дава на коската флексибилност и отпорност на притисок и удари, додека минералите (како калциум и фосфор) ѝ обезбедуваат цврстина.

Кога организмот има доволно колаген: коските се поотпорни на фрактури, се подобрува квалитетот на коскената маса, се намалува ризикот од остеопороза.Со стареењето, продукцијата на колаген природно опаѓа, што доведува до намалена коскена густина и поголема кршливост.

Колаген и тетиви – клуч за стабилност и движење

Тетивите се структури кои ги поврзуваат мускулите со коските и овозможуваат движење. Тие се составени претежно од колаген тип I, кој им дава сила и еластичност.

Здравите тетиви подобро ја апсорбираат механичката сила, имаат помал ризик од истегнувања и повреди, побрзо се опоравуваат по физички напор или повреда. Недостатокот на колаген може да доведе до болка, вкочанетост и зголемена подложност на повреди, особено кај физички активни лица и спортисти.

Улогата на колагенот во зглобовите и `рскавицата

Зглобната `рскавица овозможува мазно движење на зглобовите и делува како „амортизер“ меѓу коските. Таа е богата со колаген тип II, кој ја одржува нејзината структура и еластичност.

Со намалување на колагенот рскавицата се истенчува, се зголемува триењето меѓу коските, се јавуваат болка, вкочанетост и воспаление. Ова е чест механизам во развојот на дегенеративни состојби како остеоартритис.

Зошто колагенот се намалува со годините?

По 25-тата година, продукцијата на колаген постепено опаѓа. Овој процес се забрзува под влијание на стареење, хормонални промени, стрес, пушење, неурамнотежена исхрана, недостиг на витамин Ц. Последиците не се видливи само на кожата, туку и во подлабоките структури – коските, зглобовите и тетивите.

Како да го поддржиме природното создавање на колаген?

Организмот сам создава колаген, но за тоа му се потребни соодветни нутриенти: протеини (месо, риба, јајца, мешунки), витамин Ц (цитрусни овошја, пиперки, киви), цинк и бакар (јаткасти плодови, семки), антиоксиданси (овошје и зеленчук).

Покрај исхраната, редовната умерена физичка активност и одржувањето на здрав животен стил имаат значајна улога во зачувување на колагенот.

Колаген како поддршка во секојдневието

Дополнителниот внес на колаген може да биде корисен за лица над 30 години, жени во перименопауза и менопауза, физички активни лица и спортисти, лица со зглобна болка или вкочанетост.

Колагенот не е „брзо решение“, туку долгорочна поддршка за здравјето на мускулно-скелетниот систем.

Колагенот е основа на стабилноста, флексибилноста и издржливоста на коските, тетивите и зглобовите. Неговата улога е тивка, но суштинска – без него, движењето станува болно, а телото поранливо. Грижата за колагенот значи грижа за активен, подвижен и квалитетен живот, без разлика на возраста.