Фото: Приватна архива

Автор: Д-р Владимир Зелениковски

Уринарниот систем е составен од бубрези, уретра, бешика и уретри.
Уринарните инфекции според локализацијата се делат на дистални (циститис, уретритис) и проксимални уринарни инфекции (пиелонефритис).
Според придружните состојби, пак, на некомплицирани и комплицирани (сите оние уринарни инфекции кои се манифестираат како последица на аномалии на уринарниот тракт и други коморбидитети).
Според клиничкиот тек се делат на симптоматски и асимптоматски. Асимптоматска бактериурија е наод на сигнификантен број бактерии во урината на пациент кој не манифестира знаци на инфекција. Се среќава кај повозрасни пациенти, дијабетичари, пациенти со повреди на ’рбетниот столб и бремени жени.
Според клиничкиот тек, уринарните инфекции се делат на акутни, хронични и рецидивирачки. Рецидивирачки уроинфекции се оние кои се повторуваат најмалку трипати во годината, или двапати во последните 6 месеци.
Најчеста форма е циститисот односно воспаление на мочниот меур.
Преваленцата на уринарните инфекции е многу поголема кај женскиот пол заради женската анатомија, односно кратката уретра која е блиску до ректумот, од каде најчесто доаѓаат бактериите кои го колонизираат уринарниот тракт. Фаворизирачки фактори за инфекција се бременост и менопауза, сексуални односи, уролитијаза, дијабетес, злоупотреба на аналгетици, поставување на катерер и ендоскопски процедури, везико-уретралниот рефлукс кај децата и бенигна хиперплазија на простатата кај мажите над 50-годинишна возраст.
Најчест бактериски причинител е Ешерихија коли, а поретко Протеус сп., Клебсиела сп. и ентерококите.

Како се препознаваат уринарните инфекции?

Како главен симптом на уринарните инфекции се честите нагони и ургенција за мокрење, проследени со субјективно чувство на недоизмокреност. Самиот акт на уринирање е проследен со печење и болка, особено на крајот на микцијата. Урината е матна и има непријатен мирис, а неретко има присуство на крв. На палпација може да има болна осетливост во проекција на мочниот меур.

Знаци на кои особено треба да се внимава и алармира се појавата на треска, фебрилност, силна болна осетливост во слабината која се шири кон долниот абдомен. Присутни се и општи знаци- снеможеност, намален апетит и гадење. Сево ова укажува на ширење на уринарната инфекција кон горните делови на уро-трактот и развој на пиелонефритис односно тешка бубрежна инфекција.

Како се дијагностицираат

За поставување на дијагноза на уринарната инфекција, покрај клиничката слика потребно е докажување на бактериурија. Се прави биохемиска и микробиолошка анализа на урината.
Присуството на леукоцити и нитрити во седиментот на урината укажува на уринарна инфекција.

Како се лекуваат

Лекувањето на уринарните инфекции подразбира општа терапија и антибиотска терапија.
Општи мерки при лекување на циститисот се затоплување, земање на суплементи, избегнување на храна богата со шеќери и иританси на мочниот меур како што е кафето, цитрусните овошја, алкохолот и зачинетата храна, но најзначајно од сè е внесот на вода. Најбитен е внесот од 2 до 3 литри вода и незасладени чаеви на ден. Честото мокрење на поголема количина урина помага бактериите по механички пат да се намалат низ уринарните патишта.
Изборот на соодветниот антибиотик и должината на антибиотскиот третман ја одредува вашиот избран лекар. Антибиотиците се бираат според актуелните протоколи а должината на третманот може да со еднократна доза, краткотраен (од 3 до 5 дена), подолг (од 7 до 14 дена) а за превенција на честите рекурентните уринарни инфекции, покрај општите мерки се применува и антибиопревенција со помали дози на антибиотик, во тек на повеќе месеци.