Автор: Д-р Јасмина Матевска, поликлиника „Букурешт“, Скопје
Радикуларопатија (радикуларна болка) или во народот познато како „приклештен нерв“ e клиничка состојба на оштетување на коренот на спиналниот нерв при што се јавува болка, слабост и субјективни сензации (трнење, пецкање ) во регијата која одговара на фукцијата на тој нерв.
Постојат 31 пар спинални нерви кои се протегаат од рбетот до одредени делови на телото. Коренот или радиксот на нервот е приближно 10 пати поосетлив на истегнување од самиот нерв. Радикуларопатиите најчесто се јавуваат во лумбосакралниот дел од рбетот 60-90% (во народот познат ишијас), потоа во цервикалниот или вратен дел (5-30%) и најретко во торакален дел.
Најчесто се јавува помеѓy 30-50 години иако може да се појави во било која возраст.
Најчеста причина за настанување на оштетување на коренот на нервот е дискус хернија на рбетот која може да настане нагло или акутно при подигнување тешко или да се појави како резултат на стареење, дегенеративни промени на рбетот.
Симптомите кај радикуларопатија зависот од местото на рбетниот столб каде е оштетувањето. При цервикална радикуларопатија симптомите ќе бидат презеднтирани со болка во врат, трнење на раце, главоболка. Кај лумосакрална радикуларопатија болките се во половината, се шират кон двете нозе, проследени со трнење, укоченост. Најретка е торкалната радикуларопатија која е презентирана со болка во грбот,која се шири кон напред лево и или десно, па може да биде погрешно дијагностицирана како проблеми со срце или жолчка.
Дијагнозата се поставува со невролошки преглед, одредени РТГ иследувања, компијутерска томографија или магнетна резунанца и електормиографско испитување на функцијата на неврот.
Третманот може да биде конзервативен и хируршки. Конзервативниот третман опфаќа лекување со аналгетици, додатоци, Б витамини и физикална терапија. При конзервативен третман и кај акутна и кај хронична болка индицирана е употреба на витамини од групата Б (Б1, Б6, Б12).
Б-витамините имаат антиоксидантно, невропротективно, невротрофично и аналгетско дејство. Помагаат да се обнови миелинската обвивка на нервните влакна, да се подобри трансмисијата низ нервот, при што се намалуваат субјективните сензации (трнење, боцкање). Б-витамините го зголемуваат производството на енергија во нервните клетки, го намалауваат воспалителниот процес и невропатската болка. Важно е да се напомене дека Б витамините заедно со аналгетици го зголемуваат дејството на истите. Потребно е континуирано користење во рок од три месеци во одредени дози за постигнување на резултати, а во консултација со доктор и подоглотраен третман. Физичката активност, вежби за затегнување и физикалната терапија имаат исто значајно место во третманот на радикуларопатиите.
Кога со конзервативниот третман не се постигнуваат резултати, предвид доаѓа хируршки тртеман.