Фото: Пиксабеј

Автор: Прим. д-р Илберт Адеми, уролог

Бубрезите се парни органи во форма на грав, во големина на тупаница. Нивната главна задача е да ја прочистат крвта, да ги отстрануваат отпадните продукти и да создаваат урина, а исто така да создаваат и хормони кои помагаат во контролата на крвниот притисок и ја стимулираат коскената срцевина да создава црвени крвни зрнца. Досега не се откриени кои се причините за појава на бубрежните тумори. Но, се чини дека одредени фактори го зголемуваат ризикот од добивање на тумори на бубрег. На пример, ракот на бубрегот најчесто се јавува кај луѓе постари од 40 години. Ракот на бубрегот е болест која започнува во бубрезите. Тоа се случува кога здравите клетки во едниот или во двата бубрези растат неконтролирано и формираат грутка (наречена тумор). Ракот на бубрегот претставува околу 3,7% од сите видови на рак во САД и околу 3% во Европа. Ризикот од рак на бубрезите се зголемува со возраста. Во нашата држава учествува со 3% од сите карциноми кај човекот. Почесто се јавува кај мажите отколку кај жените и тој сооднос е 2:1.
Туморите на бубрезите стануваат се почести во денешното општество поради современите дијагностички радиолошки инструменти и полесниот пристап до здравствени прегледи. Оттука, скринингот и дијагнозата се попрецизни. Туморите на бубрезите можат да бидат бенигни (неканцерогени) и малигни тумори во народот познато по терминот рак. Точното разбирање на туморите на бубрезите е од суштинско значење за одлука на најточниот и најефикасен третман.

Кога да се оди на лекар?

Веднаш треба да се побара лекарска помош ако почувствувате болка, оток или грутка во пределот на бубрезите, кои обично се појавуваат во слабинскиот дел. Освен тоа, се советува секогаш да посетите лекар доколку забележите крв во урината. Крвта во урината може да биде предизвикан и од други болести кои бараат третман, како што се инфекциите на уринарниот тракт, камења во бубрезите, камења во мочниот меур или тумори на уротелот.

Симптоми, причини и кои се знаците за рак на бубрезите?

Ракот на бубрегот може да не покажува забележителни симптоми во раните фази. Но, како што расте туморот, симптомите може да почнат да се појавуваат. Од таа причина, ракот на бубрезите често не се дијагностицира додека не почне да се шири. Симптомите на рак на бубрег може да вклучуваат: крв при мокрење (хематурија), грутка или маса во пределот на бубрезите, болка во зглобовите, замор, општо чувство дека не се чувствувате добро, губење на апетит, губење тежина, слаба треска, болка во коските , висок крвен притисок, анемија и хиперкалцемија. Факторите на ризик за рак на бубрезите вклучуваат фактори кои може да се избегнат, како што се пушењето, дебелината и високиот крвен притисок и неизбежниот фактор, а тоа е генетиката. Оние со родител, брат или сестра или роднина што имал рак се изложени на поголем ризик.

Видови на бубрежни тумори

Тумор на бубрег е маса или група на абнормални клетки кои се формираат во бубрегот. Тие можат да бидат бенигни (не канцерогени) или малигни (канцерогени). Околу 75% од туморите на бубрезите се канцерогени. Помалите тумори обично не се агресивни.
Видови на бенигни бубрежни тумори вклучуваат: бубрежен аденом, бубрежен онкоцитом, ангиомилипом (Хамартома), фибром и липом.
Типови на малигни бубрежни тумори вклучуваат: Двата главни типа на рак на бубрезите се ракот на бубрежните клетки (аденокарцином) кој е најчест (85%) и ракот на преодните клетки како поредок (6-7%). Вилмсовиот тумор (5%) кој најчесто се забележува кај децата и како најредок е саркомот (1%).

Како се дијагностицира тумор на бубрег?

Туморите на бубрезите обично немаат никакви симптоми, така што лекарите често ги откриваат за време на рутинските лабораторијски анализи. Ако имате симптоми, лекарот ќе спроведе целосен физикален преглед, ќе ве прашаат дали имате лична или семејна историја на бубрежни тумори или рак.
Во дијагностицирањето на туморите на бубрегот ги вклучуваме следните претраги: ЦТ урографија, Магнетна резонанција и ехосонографија на уринарниот тракт; комплетна лабораторија; уринарни анализи и бипсија на бубрег.

Како се шират туморите на бубрезите?
Бенигните тумори на бубрезите не се шират на други делови од вашето тело.
Малигните бубрежни тумори се шират во маснотиите, крвните садови или во надбубрежната жлезда и околу самите бубрези. Тие потоа може да се шират во други области на организмот преку крвотокот или лимфниот систем за да формираат нови тумори. Овој процес се нарекува метастаза.
Откако ќе се открие ракот на бубрегот, урологот ќе изврши претраги за да открие дали ракот се проширил во самиот бубрег или се проширил во други делови од телото. Овој процес се нарекува стејџинг (фаза односно стадиум). Важно е да се знае стадиумот пред да се направи планот за лекување. Колку е понапреден стадиумот, толку е посериозен карциномот. За да се одреди стадиумот на ракот се употребува TNM системот на класификација на туморите кој се базира на: Локацијата и големината на туморот (Т); Степенот до кој се засегнати лимфни јазли (N) и Степенот до кој ракот се шири на други ткива и органи – Метастаза (М).
Лекарите ги користат информациите од различните претраги, вклучувајќи КТ- урографијата, МРИ и биопсијата на бубрегот, за да го одреди стадиумот на ракот
• Стадиум I: Туморот е 7 цм или помал и е само во бубрегот. Не се проширил на лимфните јазли или на друго ткиво.
• Стадиум II: Туморот е поголем од 7 цм, но сепак е само во бубрегот. Не се проширил на лимфните јазли или на друго ткиво.
• Стадиум III: Туморот се проширил на главните крвни садови – бубрежната вена и долната шуплива вена – или во ткивото што го опкружува бубрегот или до блиските лимфни јазли.
• Стадиум IV: Туморот се проширил надвор од бубрегот, до надбубрежната жлезда или до далечните лимфни јазли или други органи.
Ако е извршена операцијата, може да се одреди патолошкиот стадиум (исто така наречена хируршка фаза). Степенот (грејдинг) на ракот, означува колку малигните клетки се агресивни, односно да ли се ниско агресивни или високо агресивни.

Кои се третманите на лекување на ракот на бубрегот?

Откако ќе се постави дијагнозата и ќе се знае стадиумот на ракот на бубрезите, лекарите можат да го испланираат лекувањето. Постојат неколку стандардни типови на третмани за рак на бубрезите. Во повеќето случаи, операцијата е првиот чекор. Таа може да биде како отворена хирургија, лапараскопска хирургија или Робот асистирана лапараскопска хирургија. Хируршки се лекуваат малигните тумори на бубрег од 1-3 стадиум.
Во денешно време, операцијата на карциномот на бубрегот стана многу напредна и ефикасна. Повеќето видови на карциноми се групирани по стадиуми и по описот на карциномот кој ни помага во планирањето на третманот. Значи, стадиумот на карциномот се заснова на: локацијата и големината на туморот, степенот до кој се засегнати лимфните јазли и степенот до кој туморот се проширил односно метастазирал.

Отворена хирургија за карцином на бубрег

Радикалната нефректомија ги отстранува бубрегот, надбубрежната жлезда и околното ткиво. Исто така, често ги отстранува и блиските лимфни јазли. Тоа е најчестата операција за карцином на бубрезите.
Симплекс или едноставната нефректомија го отстранува само бубрегот.
Парцијалната или делумната нефректомија го отстранува карциномот во бубрегот заедно со дел од ткивото околу него. Оваа процедура се користи за пациенти со помали тумори (помали од 4 cm).

Лапараскопска или робот-асистирана лапараскопска хирургија

Вклучува вметнување на лапароскоп (инструмент) во абдоменот за операција на бубрезите. Ќе се создаде пневмоперитонеум (воздух) за да се обезбеди простор за операција. Предноста на овој тип на операција е мал засек, помала загуба на крв, брзо закрепнување и мала постоперативна болка бидејќи бубрегот може да се отстрани од засекот на долниот дел на стомакот. Робот асистираната Лапароскопска хирургија ги има сите предности на минимално инвазивната хирургија, вклучително и помала постоперативна болка, помали и можеби попривлечни резови, пократок престој во болница, пократко време за опоравување и побрзо враќање на работа. Лапароскопската хирургија се изведува рачно, со помош на дводимензионална камера. Во меѓувреме, роботската хирургија бара од хирургот да управува со инструменти надвор од телото на пациентот, користејќи конзола и тродимензионална камера.
Другите опции за лекување на туморитена бубрегот вклучуваат, аблација, терапија со зрачење, таргет или насочена терапија со лекови, имунотерапија, терапија со моноклонални антитела и понекогаш хемотерапија.

Превенција

Бидејќи причините за туморите на бубрегот сè уште се непознати, се уште нема лек за болеста. Сепак, здравиот начин на живот може да помогне да се намали веројатноста за развој на карцином. Јадењето здрава исхрана и редовното вежбање може да помогне да се избегне прекумерна тежина или дебелина, кои се многу важни фактори на ризик за рак на бубрезите. Ако сте со прекумерна тежина, можете да изгубите тежина и да одржувате здрава тежина со редовно вежбање заедно со диета контролирана со калории.

Физичка активност

Пациентите со рак на бубрег треба да се охрабруваат да бидат физички активни пред, за време и по третманите, освен во некои привремени ограничувања по операцијата. Физичката активност за време и по третманот се покажа дека ја намалува анксиозноста, депресијата и заморот, додека ја подобрува физичката функција и квалитетот на животот поврзан со здравјето. Физичката активност помага да се спречи слабоста со тоа што ги одржува коските и мускулите силни за добра подвижност, како и правилна функција на срцето и белите дробови. Физичката активност исто така помага да се контролираат другите здравствени проблеми како што се дебелината, дијабетесот и високиот крвен притисок, а сето тоа може да влијае на бубрезите. Да се биде физички активен опфаќа низа активности од пешачење и планинарење до пливање и јога, во зависност од преференциите, способностите и здравствената состојба на секој пациент.

Прогноза на карциномот на бубрезите

Прогнозата на карциномот на бубрезите обично добро реагира на третманот. Ако карциномот на бубрегот се дијагностицира во ран стадиум, кога клетките на карциномот сè уште се ограничени на бубрезите, тој ќе се излечи со отстранување на дел од бубрегот или целосно, бидејќи луѓето можат да живеат здраво дури и со еден бубрег. Околу една третина од откриените пациенти со карцином на бубрезите се дијагностицирани во рана фаза. Околу 65-90% од пациентите можат да преживеат најмалку пет години откако ќе им биде дијагностициран карцином на бубрег во рана фаза. Многу пациенти можат да живеат подолго. Очекуваниот животен век на пациентите со инвазивен карцином на бубрег не е добар. Само околу 40-70% од пациентите со напреднат карцином на бубрезите можат да преживеат најмалку пет години по дијагнозата. Во случај кога карциномот на бубрегот напреднал и се проширил на други делови од телото, пет годишното преживување е околу 10% од дијагностицирањето.