Д-р Слаѓана Китанова-Андова, дерматовенеролог
Kожата е најголемиот и еден од најважните органи во човечкото тело, па оттука и важноста за зачувување на здрава и негувана кожа, која ќе може да се справи со сите надворешни влијанија на кои е секојдневно изложена.
Еден од честите проблеми на кожата, кој е и честа причина за посета на дерматолог, е сувата кожа. Медицински назив за сува кожа е kсероза (xerosis) кој потекнува од грчките зборови ,,xero” -што значи суво и „osis“- што значи болест.
Склоноста кон сувост на кожата во основа секако има генетска предиспозиција, но исто така може да биде предизвикана или потенцирана од бројни надворешни влијанија. Сувоста на кожата може да биде резултат на некои други болести како хипотиреоидизам, дијабет, некои автоимуни заболувања и друго.
Најпрво мора да го споменеме значењето на бариерната функција на кожата, поточно на најповршниот слој на кожата (stratum corneum), кој има улога во одржување на хидратацијата на кожата. Дефекти или недостатоци во овој бариерен слој на кожата предизвикуваат зголемено испарување т.е. трансепидермална загуба на вода, а тоа води до абнормална десквамација на кератиноцитите, што на кожата и дава сув и груб изглед.
Најповршниот слој на кожата се состои од 3 основни групи соединенија: церамиди, масни киселини и холестерол. Кога се присутни во соодветна количина и рамнотежа, овие компоненти помагаат во заштитата на кожата. Ако од која било причина дојде до нарушување на рамнотежата и составот, доаѓа и до нарушување на бариерната функција и тогаш кожата, поради неможноста да ја задржува водата, станува сува и чувствителна, а со тоа уште почувствителна на надворешни влијанија, кои пак дополнително ја влошуваат сувоста.
Друг значаен фактор за нормално функционирање на кожата е производството на себум. Себумот во својот состав меѓу другото содржи и восочни естри, стерол естери, холестерол, ди- и триглицериди и сквален. Се смета дека себумот обезбедува заштита на кожата од влијанијата на околината, па намалената продукцијата на себум ќе резултира со сува кожа. Сувост на кожата ќе се јави и доколку е нормална продукцијата на себум, но со прекумерна употреба на сапуни и други хемиски средства предизвикано е обезмастување на кожата. Физиолошки намалена продукција на себум во староста, истотака води до сувост на кожата.
Бројни надворешни фактори придонесуваат за нарушување на оваа природна бариерна функција на кожата, со што се зголемува губитокот на вода од кожата, а тоа ја прави кожата сува. Од надворешните фактори ќе ги споменеме следните:
-фактори од околината: температурата и влажноста на воздухот (поизразена сувост во зимските месеци кога воздухот е ладен и сув); прекумерно затоплување или климатизација на просториите во кои се престојува; UV зрачењето (сонцето ја суши кожата и може да доведе до предвремено стареење);
-нега на кожата: често и долго капење со многу жешка вода, со употреба на сапуни и средства за хигиена кои ги отстрануваат природните липиди на кожата и со тоа ја нарушуваат бариерната функција;
-одредени лекови понекогаш може да доведат до сувост на кожата.
Сувата кожа е груба, нарамна, со сиво-бела боја, понекогаш може да се јави и црвенило, перутање, а при изразена сувост дури и пукнатини кои може да крварат. Од субјективните симптоми често се присутни пецкање и јадеж со различен интензитет.
Може да се појави на кој било дел од телото, но најчесто се зафатени дланките, стапалата, колената, лактите и лицето, бидејќи тие и најчесто се изложени на надворешни влијанија.
СОВЕТИ ЗА НЕГА НА КОЖАТА
-Да се избегнува често и долготрајно туширање и туширање со многу топла вода, капењето да трае најмногу 5-10 минути, со млака вода и со благи сапуни и средства за хигиена;
-да се нанесе крема веднаш по туширањето или по миење раце, уште додека е кожата влажна;
-да не се претерува со миење на рацете и да не се користат премногу средства за дезинфекција, да се носат ракавици на рацете при употреба на средства за чистење на домот;
-да не се затоплуваат премногу домовите и да се користат навлажнувачи на воздухот во просториите во кои се престојува.
-да се носи топла облека при изложување на студено време, рацете да се заштитат со ракавици;
-да се избегнува носење на волнена облека и друга облека која ја иритира кожата;
-редовно да се користи заштита од сонце со соодветни препарати, дури и во зимските месеци, кога нема сонце;
-доколку се применуваат сите овие совети, а кожата и понатаму е сува, да се посети дерматолог.
Сувата кожа, секако доколку не е резултат на некое посериозно заболување, е проблем кој што лесно може да биде надминат или превениран со правилна нега.
Негата треба да биде секојдневна, правилно да се негува и нормалната, здрава кожа, а доколку се работи за сува или многу сува кожа, тогаш потребно е да се посвети посебно внимание, со употребува на специјални медицински препарати за нега.



































