Автор: Д-р Дубравка Мартиноска, гинеколог-акушер
Телото на жената функционира оптимално за време на бременост со цел плодот да се развие совршено, но за истото неопходно е снабдување со доволно количество микронутриенти во текот на целата бременост. Од моментот кога јајце клетката е оплодена од сперматозоидот истата за неколку недели преминува во ембрион, а понатака тој ембрион во фетус. Оваа брза поделба и специјализација на клетките е огромен предизвик за клеточните процеси и може да се постигне само доколку се достапни сите потребни градивни материи и микронутриенти.
Еден од најважните микронутритиенти за овие процеси е витаминот Б9. Овој витамин не се синтетизира во човечкиот организам и не може да се складира долго време, па затоа неопходната количина треба да се внесе преку исхраната, а при зголемена потреба и преку суплементи. Витаминот Б9 кој се наоѓа во храната се нарекува фолат, а витаминот Б9 кој е застапен во витаминските суплементи се нарекува фолна киселина. Фолатот се наоѓа во производите од цели зрна, мешунките, јајцата, спанаќот, салатите, доматите и портокалите, додека фолната киселина се произведува синтетички. И природниот и синтетичкиот облик на овој витамин се искористуват во телото само во нивниот активен облик-метилфолат. Фолната киселина игра особено важна улога за клетките кои се делат многу брзо и често, како што е случајот за време на бременоста, односно истата е значајна при делба, диференцијација и раст на клетките на ембрионот и фетусот. Има улога и во метаболизмот на нервните клетки, а заедно со витаминот Б12 е неопходна за создавање на црвени крвни зрнца или создавање на ДНК. Исто така има значајна улога во конверзија на аминокиселините кои му се неопходни на нашиот организам, па така го намалува нивото на хомоцистеинот во крвта. Зголемено ниво на хомоцистеин доведува до појава на зачепување на крвните садови делувајќи тромбогено.
Европската управа за безбедност на храната (EFSA) препорачува внесување од 600 µg (mcg) фолати дневно во текот на бременоста и доењето. Фолната киселина има круцијална улога во првите 12 недели (период на органогенеза), особено во првите 4 недели кога доаѓа до затворање на невралната туба (период кога жената најчесто се уште не знае дека е бремена). Жените кои планираат бременост треба да започнат со фолна киселина некое време пред потенцијалната бременост (најмалку 3 месеци пред планираната бременост). Недостатокот на фолна киселина може да резултира со таканаречените дефекти на невралната туба. Дефектите на невралната туба се сериозни вродени аномалии на ’рбетниот мозок (како што е spina bifida) или аномалии на главата и централениот нервен систем на плодот (како анецефалија). Овие промени имаат силно влијание врз невролошкиот и психолошкиот развој на детето. Кај некои трудници постои мутација на генот одговорен за создавањето на активниот облик на фолна киселина и заради тоа кај нив искористувањето на истата е намалено, со што се зголемува ризикот од појавата на дефекти на невралната туба. Оваа мутација е една од најчестите тромбофилии и е причина за спонтани абортуси и неразвивање на плодот. Имено се смета дека секоја втора жена не може во потполност да ја претвори фолната киселина во активен облик.Со цел сите пациентки да внесуваат доволно количество на фолна киселина со оптимално искористување на истата, се препорачуваат витамински суплементи кои во својот состав содржат активен облик на фолна киселина-метилфолат.
Преостанатите витамини од групата Б се неопходни во текот на бременоста за сите зголемени метаболни процеси, ензиматски процеси и раст и развој на плодот. За делбата на клетките, создавањето и развојот на ткивата и органите кај фетусот, потребен е зголемен внес на витамин Б12, кој учествува во синтезата на ДНК и делбата на клетките, хематопоезата и невролошкиот развој, како и на витамините Б1, Б2, Б6, ниацин и биотин. Витамин Ц е неопходен за растот на клетките и создавањето колаген, циркулацијата, имунитетот и хемостазата кај плодот и мајката. Витаминот Е ја подобрува циркулацијата кај мајката и плодот и одржувањето здрави крвни садови. Витаминот Д учествува во метаболизмот на калциумот и фосфорот, за одржување здрав коскен систем кај мајката, како и во осификацијата и развој на коскениот систем кај плодот. Иако неговото снабдување се обезбедува со изложување на сонце и со исхрана, дефицитот на витамин Д е почест отколку што се очекува дури и во сончевите земји. Дневните препораки за витамин Д кај бремени жени и во периодот на зачнување се 5 до 15 µg/ден (600 IU). Магнезиумот, исто така, учествува во изградбата на коскениот систем, мускулниот систем, метаболизмот на јаглехидрати и има тонизирачко дејство врз мускулите на матката и крвните садови кај трудницата, а дневните потреби во бременоста се околу 300 мг. Минералите цинк и селен, исто така, учествуваат во сите оксидативни процеси во растот и развојот на плодот и зголемени се потребите од нив во текот на бременоста.
Покрај горенаведените витамини еден од позначајните микронитрутиенти е и јодот, особено во почетокот на бременоста, бидејќи е неопходен за правилно функционирање на тироидната жлезда и лачењето на хормонот тироксин. Недостигот на јод и тироидни хормони во бременоста може да предизвика невролошки и интелектуални нарушувања кај плодот.
Како подршка за развојот на мозокот од фетусот и сетилото за вид-окото позитивни се и суплементи кои во својот состав содржат омега-3 масни киселини како ДХА и ЕПА. Истите не се синтетизираат во телото, затоа е потребно е да се снабдуваат преку исхраната со храна како риба, рибино масло, млеко и др. Препорачаниот дневен внес изнесува 200мг. Овие киселини се од исклучителна важност за развој на фетусот, но и за благосостојбата на трудницата. Суплементација со овие киселини во тек на бременоста го намалува ризикот од предвремено породување и раѓање на бебиња со ниска родилна тежина.
Европска агенција за безбедност на храна донесe одлука дека уште еден микронутритиент е задолжителен во пренаталните витамини и минерали наменети за бремени жени и доилки, а тоа е холинот. Потребите за холин се зголемени во бременоста и плодот не може сам да го синтетизира, туку го добива од мајката. Поради тоа, постои потреба од зголемен внес на холин од страна на трудницата во бременоста за обезбедување доволни количини за фетусот. Тој учествува во метаболизмот на хомоцистеинот и е прекурзор за синтеза на фосфолипидите во клеточните мембрани. Неговата концентрација во постелката, амниотската течност и во плодот е неколку пати поголема отколку кај возрасниот организам. Бројни истражувања покажа дека адекватниот внес на холин за време на бременоста ја намалува појавата на прееклампсија.
Оптимално снабдување со сите потребни витамини, минерали тешко може да се постигне само преку здрава исхрана. Дури и ако внимавате на балансирана исхрана, висококвалитетни состојки и редовни оброци, потребите за хранливи материи премногу често ги надминуваат количините што може да се апсорбираат од храната. Токму затоа покрај препораките за здрава исхрана, се препорачува и соодветна суплеметација во тек на бременост. Изборот на суплементи секогаш треба да ги задоволи дневните препорачани дози за оваа фаза од животот на жените и да ги обезбеди во облик кој биолошки е најдобро искористлив.