Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Магдалена Иванова Велковска, дерматовенеролог

Летото е во тек па советите за правилна заштита од сончевото зрачање се од големо значење. Добро се познати бенефитите од контролирано изложување на сонце , но за позитивниот ефект е потребна мала доза на сончеви зраци -15 минути во текот на секој ден. Секое претерано изложување на сонце со неадекватна заштита може да предизвика сончеви опекотини, прерано стареење и различни оштетувања на кожата кои кумулативно можат до доведат до појава на разни карциноми на кожата како базоцелуларен карцином, сквамоцелуларен карцином и најопасниот карцином на кожата меланом.

УВ индексот е мегународна, научна мерка за нивото на ултравиолетово зрачење од сонцето која се користи за да ја опише силата на сонцето на одредено место и време. Индексот има опсег од 1 до 11. Колку е повисоко нивото, толку е поголем ризикот од оштетување на кожата.

Постојат три видови на УВ(ултравиолетово) зрачење:УВА, УВБ и УВЦ.

-УВА зраците(320-400нм) се со најдолга бранова должина и се присутни цел ден, цела година дури и кога е облачно. 95% од УВ зраците што стигнуваат до земјата се УВА.Продираат длабоко до дермисот и предизвикуваат предвремено стареење на кожата(брчки флеки), ја оштетуват ДНК на клетките поврзано со појава на рак на кожа, а не предизвикуваат веднаш црвенило.

-УВБ зраците(280—320нм) се со пократка бранова должина , продираат само во горниот слој на кожата(епидермис), најсилни се од 10 до 16 часот и се причинители за изгореници од сонце. Исто како и УВА зраците ја оштетуваат ДНК на клетките со што се ризик за меланом и непигментни карциноми на кожа.

-УВЦ зраците(100-280нм) се со најкратка но најопасна бранова должина, но за среќа се апсорбираат целосно од озонската обвивка па не стигнуваат до Земјината површина.

Многу е значајно да ги познаваме обележјата на својата кожа и нејзината реакција на изложување на сонце.Кожата на секој од нас има различни својства и спрема осетливоста на делувањето на сончевите зраци се разликуваат 6 фототипови на кожа.

Фототип 1 -изразено светла кожа, црвена или плава коса и зелени или плави очи. Овој тип на кожа не може да потемни на сонце и секогаш гори. Поради малата количина за пигментни клетки отпорноста од опекотини е изразено ниска па кожата црвенее по 10тина минути од изложување на сонце. За заштита е потребно примена на производи со многу висок заштитен фактор-спф50 и редовна посета на дерматолог за преглед на бемки минимум еднаш годишно.

Фототип 2-светла кожа склона на стварање пеѓи со плава или светло смеѓа коса и зелени или плави очи. Тешко потемнува и често гори. За заштита исто така е потребно примена на производи со многу висок заштитен фактор-спф50.

Фототип 3-потемна кожа, темна коса и светли или кафеави очи. Кожата лесно темнее на сонце и е потребно користење на производи со среден заштитен фактор-спф30.

Фототип4-темна кожа,темна коса,црни очи. Лесно темнее и многу ретко гори. Потребно е користење на производи со среден или низок заштитен фактор-спф15.

Фототип 5 и 6 припаѓаат на медитерански тип на кожа и темна раса.

Што претставува СПФ?

СПФ е кратенка од Sun Protection Factor(фактор за заштита од сонце)-тоа е мерка за тоа колку долго можете да бидете изложени на сонце без да изгорите, во споредба со тоа ако не користите заштита. Пример ако нормално гориме на сонце за 10 минути без заштита со СПФ 15ке бидеме заштитени 150 мин, со СПФ30- 300мин,а со спф 50-500мин, но во реалноста потењето, капењето и УВ индексот ја намалуваат ефикасноста па затоа препораките се за повторно нанесување на кремите со спф на секои 2 часа. Како се зголемува СПФ заштитата се зголемува па така СПФ15 штити околу 93%, СПФ30 околу 97%, СПФ50 околу 98%,а СПФ100 околу 99%.

Заштитниот ефект на препаратите за заштита од сонце покрај висината на СПФ зависи и од УВ филтрите кои ги содржат. Тие го рефлектираат или одбиваат најголем дел од УВ зрачењето и така го продолжуваат времето на природната заштита на кожата. Филтрите можат да бидат физички(минерални) или хемиски.

Минералните филтри се базираат на физичко блокирање и одбивање на штетните УВ зраци.Нивните формули содржат титаниум диоксид и цинк оксид. Поради својата густа текстура производите со минерални СПФ филтри потешко се впиваат во кожата, меѓутоа нивната заштита е долготрајна. Најмногу одговараат за лица со светол тен,мали деца и лица склони на алергии.

Хемиските филтри за разлика од минералните се впиваат во кожата каде што се апсорбираат и претвараат во топлинска енергија која се отпушта од кожата.

И за крај ве советуваме редовно да користите креми за сончање со висок СПФ фактор и со широк спектар кои ги блокираат и УВА и УВБ зраците. Не користете домашно направени или непроверени креми бидејки не се тестирани и можат да бидат неефикасни или опасни. Носете заштитна облека во светла боја и природни материјали, носете шешири и наочари за сонце и избегнувајте изложување на сонце во период од 11 до 17 часот. Доколку забележите нова бемка, пигментација, израсток или раничка на кожата задолжително консултирајте дерматолог.