Фото: пиксабеј

Драматично се зголемува бројот на луѓе со оштетен вид, предупредуваат експертите и посочуваат дека во половина од случаите, оштетувањето можело да се спречи, пишува британски „Индепендент“.

Истражување покажало дека речиси половина од светската популација ќе има проблем со кратковидост (миопија) до 2050 година.

Извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) предвидува драматично зголемување на потребата за нега на очите во блиска иднина, истакнувајќи дека најмалку 2,2 милијарди луѓе ширум светот имаат оштетен вид – а околу половина од нив имаат оштетување на видот што може да се спречи.

– Некои луѓе можеби не посветуваат доволно внимание на здравјето на очите и ги пропуштаат годишните прегледи кои играат клучна улога во откривањето на состојби како што се катаракта, глауком и макуларна дегенерација поврзана со возраста – вели офталмологот д-р Јорн Слот Јоргенсен.

– Кога ќе се откријат и третираат навреме, овие проблеми можат ефикасно да се менаџираат и да помогнат во зачувување на видот – додава Јоргенсен.

Јоргенсен забележува дека пандемијата исто така одиграла значајна улога во влошувањето на проблемите со очите, особено зголемувањето на миопијата.

– Со преминувањето на работа на далечина, луѓето поминуваат многу повеќе часови пред екраните, и на работа и во слободно време. Грижата за здравјето на очите не е само прашање на удобност, тоа е основен аспект на нашата општа благосостојба – вели Јоргенсен.

Д-р Јоргенсен и д-р Евелин Менсах, офталмолог и очен хирург, членови на советот на Кралскиот колеџ за офталмолози, наведуваат седум начини на невнимание со кои го оштетуваме видот без да го сфатиме тоа.

1. Недостиг на редовни прегледи

Д-р Менсах вели дека се препорачува преглед на очите на секои две години, или почесто ако е препорачан од офталмолог. Јоргенсен додава: „Изоставувањето на редовни очни прегледи може да доведе до состојби како што се глауком, дијабетична ретинопатија и макуларна дегенерација на окото, кои се развиваат во почетната фаза без забележливи симптоми, остануваат неоткриени на време. Раното откривање е клучно за ефективен третман и зачувување на видот“.

Рутинскиот очен преглед може да открие и рани знаци на основните системски здравствени состојби, како што се дијабетес, висок холестерол и висок крвен притисок.

Фото: Пиксабеј

2. Предолго седење пред компјутер

Широката употреба на дигитални уреди како што се лаптопи, таблети и паметни телефони доведе до тоа да трошиме се повеќе време гледајќи во екранот, забележува д-р Јоргенсен. „Ова доведува до напрегање на очите, кое се карактеризира со симптоми како суви очи, главоболки и заматен вид“, објаснува офталмологот.

– Во оваа ера на дигитална технологија, добра идеја е да се следи правилото 20–20–20 – истакнува д-р Менсах.

Тоа значи гледање во нешто оддалечено 20 стапки (шест метри) 20 секунди на секои 20 минути.

-Исто така, не заборавајте да трепкате кога гледате во екранот за да спречите сушење на вашите очи.

Фото: Пиксабеј

3. Носење очила за сонце без УВ заштита

Јоргенсен наведува дека ако очилата за сонце немаат соодветна УВ-заштита, тоа ги изложува нашите очи на штетно ултравиолетово зрачење, што придонесува за катаракта и макуларна дегенерација поврзана со возраста.

Д-р Менсах вели дека изложувањето на УВ-зрачење може да влијае и на формирање на израстоци на површината на очите, таканаречена птеригија.

– Не сите очила за сонце ја филтрираат УВ светлината, затоа проверете дали се соодветно означени. Никогаш не гледајте директно во Сонцето бидејќи тоа може да предизвика изгореници на макулата и трајно губење на видот – предупредува д-р Менсах.

Фото: Пиксабеј

4. Лоша исхрана и недостаток на хранливи материи

Здравата, урамнотежена исхрана може да помогне да се намали ризикот од болести опасни по видот, првенствено макуларна дегенерација, оштетување на централниот дел на мрежницата што обично се јавува кај постарите лица и доведува до губење на видот во центарот на видното поле.  Д-р Менсах објаснува дека макулата – делот од мрежницата што го обработува она што го гледаме пред нас – содржи природни пигменти како што се лутеин и зеаксантин кои се наоѓаат во темно зелениот, лиснат зеленчук како спанаќот и кељот.

-Витамините А, Ц и Е се исто така корисни, затоа јадете најмалку пет порции овошје и зеленчук дневно – советува таа.

-И ако имате семејна историја на макуларна дегенерација, прашајте го вашиот лекар за земање додатоци.

Фото: Пиксабеј

5. Пушење
Доколку сте пушач, откажувањето од цигарите не само што ќе има корист за вашето општо здравје, туку и за здравјето на очите, нагласува д-р Менсах.

– Откажување од пушењето е модифициран фактор кој може да го намали ризикот од развој на одредени состојби како макуларна дегенерација и катаракта.

Фото: Пиксабеј

6. Не носење на пропишаните очила
Постои широко распространета заблуда дека носењето диоптриски очила го влошува видот, забележува д-р Менсах.

-Ова апсолутно не е точно- нагласува таа.

-Примарната причина за носење диоптриски очила е едноставно затоа што ви се потребни. Ако избегнувате да ги носите, ризикувате главоболка.

7. Несоодветно осветлување
– Работата или читањето во слабо осветлена просторија може да доведе до напрегање на очите, непријатност и намален вид – вели Јоргенсен.

Тој истакнува дека доброто осветлување е од витално значење за создавање удобни услови за читање и работа.