Автор: Д-р Гордана Маџунковаа
Розацеа претставува хронично, воспалително заболување на кожата кое најчесто се јавува кај возрасни пациенти, и тоа во областа на лицето – посебно на образите, носот, челото и брадата. Се карактеризира со постојано или повремено црвенило (еритема), појава на проширени капилари (телеангиектазии), воспалителни промени во форма на папули и пустули, а понекогаш и задебелување на кожата, особено на носот (т.н. ринофима).
Кој е засегнат?
Најчесто заболувањето се јавува кај лица на возраст меѓу 30 и 60 години, со светол тен и чувствителна кожа. Жените почесто се дијагностицираат, но кај мажите често состојбата е поизразена, особено кога се развива ринофима.
Причини и предиспонирачки фактори
Точната етиологија на розацеа сè уште не е целосно разјаснета, но се смета дека играат улога повеќе фактори:
- Генетска предиспозиција – заболувањето често се јавува кај повеќе членови од семејството.
- Воспалителен имунолошки одговор – се смета дека кај пациентите постои абнормална реакција на кожата на надворешни дразби.
- Микроорганизми – како Demodex folliculorum (кожен гриње) и Helicobacter pylori може да имаат улога кај некои пациенти.
- Нарушена бариерна функција на кожата – розацеа-чувствителната кожа е многу подложна на иритации.
- Влијание на надворешни фактори – сонце, високи или ниски температури, ветер, зачинета храна, алкохол, топли пијалоци, стрес, интензивна физичка активност и некои козметички или локални препарати може да предизвикаат влошување на симптомите.
Клинички форми
Постојат неколку клинички форми на розацеа:
- Еритематотелангиектатична розацеа – доминира црвенило и видливи капилари.
- Папулопустулозна розацеа – присутни се воспалени лезии (слични на акни).
- Фиматозна розацеа – задебелување на кожата, најчесто на носот (ринофима).
- Окуларна розацеа – зафаќа очи и очни капаци, со чувство на печење, сувост, иритација и можни компликации.
Дијагноза
Дијагнозата се поставува клинички, врз основа на анамнеза и преглед на кожата. Во одредени случаи, особено кога треба да се исклучат други слични состојби (како акни, себороичен дерматитис, или lupus erythematosus), може да се направат дополнителни испитувања.