Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Марија Коцева, гинеколог

Периодот од зачнување до 12 гестациска недела (г.н.) го означува првиот триместер од бременоста. Тоа е фаза во која се формираат основните органи и системи на фетусот, а телото на трудницата поминува низ бројни промени со цел да го подржат растот и развојот на ембрионот. Некои од карактеристиките на првиот триместер вклулуваат:

-Рани симптоми на бременоста, како: Мачнини, повраќање, умор, зголемена чувствителност на некои мириси, зголемување на градите со набрекнатост, честа потреба за мокрење и промени во апетитот.
-Развој на бебето: Во првиот триместер димензиите на ембрионот се многу мали, но тоа е период во кој се развиваат сите клучни органи (мозок, срце, белодробие, бубрези), а воедно во овој период почнува видлива срцева акција на ултразвук.
-Хормон ХЦГ (хуман хорион гонадотропин): Нивоата на овој хормони, кој е индикатор за постоење на бременост се користат со цел да се потврди дали ултразвучниот наод на ембрионот кореспондира со адекватната гестациска статост водена по последната менструација на жената.
-Прегледи: Во овој период од бременоста се прави првиот ултразвучен преглед за потврда на бременоста и нејзина локација (дали е интраутерина), за прв пат се слушаат срцевите отчукувања, се земаат микробиолошки брисеви за скриниг на инфекции и се прави првиот комбиниран скриниг за хромозомопатии (Даунов синдром) со соодветни ултразвучни индиректни маркери и биохемиска анализа на хормони преку земање крв од мајката.

Првиот триместер е од посебна важност за развојот на фетусот, па затоа е корисно мајката да внимава на начинот на кој се храни (дозволен внес на протеини, минерали, сложени јаглехидрати и здрави масти), да ги зема потребните суплементи (активен облик на фолна киселина познат како метyлфолат ) и да избегнува контакт со штетни супстанции.