Медицински совет
Жените што патат од постпородилна депресија наидуваат на недоразбирање и осуда, како од општеството така и од нивните семејства, велат некои психијатри. Постпородилната депресија е нарушување на расположението, односно претерано тажно расположение што се јавува во периодот по породувањето. Но забележано е дека депресијата се јавува исто толку често и за време на бременоста. Жените што имале депресија за време на бременоста во 50 проценти од случаите развиваат и постпородилна депресија.
Концептот на перипартална или перинатална депресија подразбира депресивно нарушување во текот на бременоста и првите четири недели по породувањето, а пошироко, во првата година по породувањето. Карактеристиките на постпородилната депресија се изразено чувство на тага, безволност, чувство на безнадежност, ниска самодоверба и самоевалуација и губење интерес за секојдневните активности. Дополнително, родилка може да има и нарушување на спиењето, од прекумерна сонливост до целосна несоница, потоа нарушување на апетитот, сексуалната желба, намалена функционалност, намалување на квалитетот на животот и нарушување на односот со партнерот, бебето и општеството како целина.
Семејствата најчесто не ја разбираат постпородилната депресија, бидејќи очекуваат мајката да биде расположена по породувањето, сметајќи дека тоа е најсреќниот период од нејзиниот живот. Постои и нешто што се нарекува постпородилно тагување што се јавува во првите две недели по породувањето. Тоа е физиолошка состојба на природен и нормален процес поврзан со нарушување на хормоните, новата родителска улога и заморот.
Ако тоа трае долго и ако е многу интензивно ја нарушува функционалноста на жената. Најголем проблем е што темата за постпородилна депресија е многу стигматизирана. Затоа се потребни просветлување, прифаќање и разбирање дека постпородилната депресија е состојба што може да му се случи секому. Третманот е индивидуален, па за секој пациент се креира посебна програма, која вклучува психотерапија и социотерапија, како и лекови кога е потребно. Закрепнувањето е многу брзо и многу успешно, доколку лекувањето се започне навреме. Колку подолго се пролонгира, толку се потешки компликациите, толку е полоша врската помеѓу мајката и бебето, а со тоа и закрепнувањето е подолго.
Ова нарушување се јавува кај околу дваесет проценти од родилките низ светот, но само од 10 до 15 проценти од нив одат на лекар и бараат помош.