Фото: Пиксабеј

Едно од првите прашања од нашите родилки е токму околу најновите препораки за бањањето на нивното новороденче. Токму околу тоа треба да разјасниме на што се должат промените и намалувањето на истото во последниот период.

Колку често треба да се бањаат новороденчињата ?

Новороденчињата треба да се бањаат 2 до 3 пати неделно.
Пречестото бањање на новороденчето може да доведе до сушење на кожата. Во текот на првите две недели од животот доаѓа до физиолошка десквамација на кожата. После десквамирањето бебенцето треба да има кадифеста кожа со добар тургор и сјај.
За време на интраутериниот живот на плодот тоа се наоѓа во плодова вода која е обложена со густа бела материја, наречена верникс. Таа има заштитна улога на кожата и кај предвременородените и кај новородените е пообилна,а кај доносените новороденчиња е скоро отсутна. Токму поради тоа можни се лацерации и епидермолизи кај преносени/надноседни новородени.

Да запомниме дека кај новородените имаме исклучително нежна кожа која е многу битно да остане интактна за да го штити новороденото во најосетливиот период во животот од инфекции.

Во кое време од денот е најдобро тоа да се прави?

Нема официјална препорака за временскиот период. Битно е да бидете релаксирани , опуштени при бањањето на Вашето бебенце, со тоа ќе биде опуштено и тоа и нема да го доживува, стресно процесот на бањање, туку обострано уживање.

Одбегнувајте бањање кога бебенцето е гладно или непосредно после хранење за да избегнеме нелагодности од страна на неговиот дигестивен систем.

Каде да го бањаме нашето новороденче?

Просторијата треба да биде затоплена светла и чиста, не мора тоа да биде бањата. Во тек на првиот месец тоа може да биде и садоперот во кујната. Водата треба да биде топла, не жешка. После првиот месец доенчето може да се бања во пластично корито.

Што да припремиме пред бањањето на бебето?

Памучна тенка ткаенина која брзо ќе ја впие влажноста од кожата, нежна купка (се разбира во мало количество растворена во водата) и хидратантно млеко за тело.

Одбегнивајте користење на сапуни бидејки тие знаат да ја сушат кожата на бебенцето.

Поставување на коритото на стабилна подлога, и на висина погодна за оној кој го бања бебенцето.

Да нема никаков накит оној кој го изведува бањањето.

Температурата на водата треба да биде 37-38 целзиусови степени.

По кој редослед ги миеме деловите на телото на бебето?

Започнуваме од чистите делови – лицето, главчето ( косматито дел), продолжуваме со телото и завршуваме со гениталната регија.
Откако ќе се собере влажноста на кожата (исклучиво со памучна ткаенина) се поставува памперсот па се облекува бебенцето.
Или со други зборови кажано, тука важи правилото: ,,ПОМАЛКУ ЗНАЧИ ПОВЕЌЕ“ и ,,ЕДНОСТАВНО И ПРОСТО“. Имено, поретко бањање на новородено и тоа препораките се да биде претежно со чиста вода.

Генерално бебињата со нормална кожа немаат потреба од специјален третман на истата. Сосема доволно е бањање два до три пати неделно. Доколку продолжиме да ги бањаме новородените секојдневно ги отстрануваме заштитните природни материи кои ја одржуваат нормалната влажност , тургор и еластичноста на кожата на новороденото.

-Кожата на новороденото има исклучително голема впивачка моќ. Токму поради тоа препаратите кои се користат треба строго да бидат хипоалергени и да не содржат материи штетни за истото.
-Токму поради тоа и при изложување на новороденото на сонце, препроачуваме физички бариери: бела памучна облека, капчиња, користење колички со заштитни стреи.

Кога прв пат се бања новороденото?

До неодамна многу родилишта во светот имаа политика да ги бањаат новородените во тек на првиот или вториот час од породувањето. Според најновите препораки од Светска здравствена организација насоката е јасна, а тоа е дека новороденото не треба да се бања во текот на првите 24 часа од раѓањето. Постојат ситуации каде имаме потреба од порано бањање на новородените, за истите препораката е барем 6 часа да не се бања.

Зошто чекаме?

1. Телесната температура и новото на шеќер во крвта.
Бебињата кои се бањаат веднаш после раѓањето, имаат голема шанса да добиајт хипотермија. Со оглед на тоа што новородените се многу термонестабилни и од тоа зависи несметаното функцинирање на виталните фукции кај истото. Покрај тоа и најмалиот стрес кај новородените може да доведе до хипогликемија што е исто така ризик фактор во раната адаптација на новороденото.
2. Непосредно после породувањето го поставуваме новороденото на градата на мајката за да започнеме стимулација на лактација. Тоа е еден многу битен момент и за мајката и за новороденото во кој настанува првиот допир кожа на кожа, всушност тоа е првиот надворешен контакт на мајката со новороденчето. Со земање на бебенцето за бањање го скратуваме тој бесценет момент непосредно после породувањето кој е бескрајно битен и за двајцата.
3. Исто така со бањањето го отстрануваме неговото величество ВЕРНИКСОТ кој ја обложува кожата на новороденото и ја овозможува интактноста и влажноста на истата посебно кај недоносено новородено. Во моментот сѐ уште има истражувачки студии за составот на истиот, а досега е потврдено присуство на лизозими и други ензими со антибактериско дејство. Една интересна студија докажува намален бакетриски раст на E.colli и S.aureus, засадени на агар од верникс и култивирани на температура од 37 степени.

За полесно преминување на новороденото од идеалните услови во матката кон условите во надворешната средина ќе ни помогнат сите горенаведени препораки. Среќно!

Автор: Д-р Маргарита Камбовска, педијатар