Фото: Пиксабеј

Медицински совет

Пирето од костени е одличен десерт за сите што се грижат за здравјето на срцето. Костените, омилената есенска намирница што ја јадеме варена, печена или во форма на вкусни колачи, имаат и значајни здравствени придобивки за срцето. Голем број истражувања покажале дека костените се повеќе од традиционален есенски деликатес – тие се природен сојузник во одржување здрав крвен притисок и срце. Богати со калиум, магнезиум, влакна и антиоксиданти, можат да станат вредна компонента на исхраната насочена кон превенција на хипертензија.
Вклучувањето на костенот во избалансираната исхрана, заедно со здравиот начин на живот, може да придонесе кон долгорочно зачувување на кардиоваскуларното здравје и да уживате во нивниот препознатлив вкус – без чувство на вина. За разлика од повеќето јаткасти плодови, костените содржат многу малку маснотии и калории, а се богати со сложени јаглехидрати, влакна, витамини и минерали. Во последно време сè повеќе се нагласува нивниот можен придонес во регулирање на зголемениот крвен притисок, што ги става меѓу намирниците важни за зачувување на здравјето на срцето и крвните садови. Што е висок крвен притисок и зошто е важна исхраната? Висок крвен притисок или хипертензија се јавува кога притисокот на ѕидовите на артериите постојано е зголемен. Нормалните вредности изнесуваат околу 120/80 mmHg, а хипертензија се смета ако притисокот е повисок од 140/90 mmHg. Долготрајно зголемениот притисок го зголемува ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар и од оштетување на бубрезите.