Автор: Д-р Милијана Кацарска, психијатар, супспецијалист, сертифициран за РЕБТерапија
Коцкањето е старо колку и човештвото. Коцкањето само по себе не е општествена девијација , затоа што тоа е заедницкиот израз за сите видови игри, но до оној момент кога за поединецот ќе стане начин на живеење, стил на живеење и ја преминува границата од забава во навика. Оваа граница е многу фрагилна, тешко се поставува, а лесно се руши и преминува. Кога веќе ќе се премине, тогаш коцкањето поминува во еден постојан образец на однесување кај поединецот, кој предизвикува бројни и често нерешливи проблеми. Коцкањето е одраз на однесување на ист тип на личности, односно тоа ја изразува нивната патолошка структура на личноста.
Коцкањето е доброволно учество во меѓусебно пренесување, губење и добивање на материјални вредности , по пат на најразлични видови на коцкарски игри. Коцкањето (зборуваме за моментот на преминување на границата) е болест на зависност, кое доведува до пореметување во функционирањето на, пред се, психичкиот, физичкиот и социјалниот живот. Развојот на коцкањето, патолошкото коцкање , е „потпомогнато“ од самото општество како и ерата на модерното доба на живеење и растење. Денешното време ни овозможува да погледнеме , да учествуваме во богатиот привиден свет на големо богатство (впрочем токму преку патолошкото коцкање), а со самото тоа секој еден кој учествува во истото ја губи адекватната слика за вистинските човекови потреби.
На почетокот се почнува од забава, љубопитност или досада. На самиот почетот коцкарот започнува од спортските кладилници, каде вложува мала сума на пари. Меѓутоа кога ќе се појави „почетничката“ среќа, кога коцкарот поединец ќе почне да добива поголема сума пари од онаа што почетно ја вложил, се јавува потребата од вложување на што повеќе пари, како би се подигнала „личната заработка“. Обично, после три последувателни добивки, следува губиток, кој коцкарот сам го толкува како лош ден, едноставно немал среќа… Се после тоа повеќе не е ни малку забава! Коцкарот почнува да ја троши заработката, или се позајмува со единствена цел, да го врати целиот изгубен влог, сума пари. После тоа повторно настанува цикличен период на губење и заработка. Коцкарот тогаш се впушта во потрага по друг вид на игри за да може да заработи поголема сума на пари. По спортските кладилници, коцкарот се упатува кон слот апаратите и рулетот. Тогаш тој почнува последователно да губи , но и понатаму игра со цел и надеж дека ќе ја „победи“ машината, а кога губи на рулет повторно се залажува со лоша среќа, лош ден или едноставно „броевите не го сакаа баш тогаш“. Тогаш губитоците стануваат огромни, а сумата која се вложува се удвојува. Во следниот период , по периодот на губење и добивање, следува период на очајување, кога коцкарот и покрај се не може да се оттргне од одење во коцкарница , туку тоа станува негово утринско пиење кафе, негово секојдневие, негов свет. Во оној момент кога коцкарот единствено нешто на што мисли е одење во коцкарница , ја занемарува фамилијата, ја занемарува работата, се почесто е отсутен од дома, се задолжува и се дружи во „одбрано“ друштво (на коцкари). Тогаш со сигурност можеме да речеме дека пороблемот земал голем замав и враќањето назад ќе биде особено тешко и неизвесно. Коцкарот тогаш почнува да го лаже семејството околу сумата на потрошените пари , како и потребата од истите, почнува да позајмува, да манипулира со пријателите дека му се потребни за лекови и сл … Позајмената сума на пари константно ја губи, а себе си се вовлекува во се поголеми долгови.
Кога коцкарот е разоткриен од семејството и пријателите дека ги манипулира околу позајмената сума пари, тој почнува да се задолжува кај лихварите, па самиот себе, како и семејството, го изложува на ризик, едноставно го загрозува нивниот и својот живот. Сумите кои ги позајмува и ги губи стануваат огроми, пасемејството е принудено да почнува со продавање на имотот, се со цел да се спаси коцкарот, со надеж дека тоа ќе е последно. Тогаш коцкарот има интензивно чувство на вина и ветува дека тоа е крај, последен губиток . По ова следува краток период на апстиненција, кога чувствува јака вознемиреност, има анксиозност, несоница, депресивни епизоди…
Коцкарите знаат дека сето она што го прават е лошо за себе и ја загрозуваат фамилијата, но и покрај тоа повторно се упатуваат во коцкарница, објаснувајки го тоа како „нешто посилно“ што ги одвлекува таму. Тогаш се во состоја да поминат и по 12 и повеќе часови во коцкарниците… Имајки го во предвид периодот на апстиненција и повторно вракањето во коцкарница, коцкарот и понатаму не признава дека има сериозен проблем и се залажува дека може да прекине во моментот кога тој ке одлучи без никаков проблем. Меѓутоа, настанува период кога се потрошени сите златни резерви и поради силно изразена депресија и чувство на очај и неретко самоубиствени идеи се обраќаат на семејството со признание за стореното, кое се обидува да го започне лекувањето на коцкарот.
Зависноста од коцкање не е неизлечива доколку се следат препораките од стручните лица и истите се применуваат, но семејствата на коцкарите и самите коцкари треба да знаат дека периодот на лекување е исклучително долг и дека не постои апсолутна гаранција дека бившиот коцкар нема во еден момент да почне повторно да се коцка и целата агонија да започне одново.
Златно правило во коцкањето: Во коцкањето добивката е случајност, а губитокот е правило!