Фото: Пекселс

Автор: Д-р Висар Муча, педијатар

Кашлањето е една од најчестите причини зошто родителите ги носат своите деца на лекар. Кашлицата е одбранбен механизам со кој телото учевствува во чистењето на дишните патишта од секрети и ги штити дишните патишта од аспирација на туѓи тела, така да можеме да кажеме дека кашлицата не е болест, туку симптом на респираторни заболувања кој на моменти и не треба да се потиснува, туку да се потикнува.
Кашлицата е рефлексен одговор на рецепторите за кашлица лоцирани во мукозната мембрана на долниот респираторен тракт. Причините за кашлицата може да се:
– воспаление на респираторниот тракт од бактерии и вируси: настинки, воспаление на слузницата на носот, фаринксот, синусите, бронхитис, пневмонија;
– алергиски заболувања: алергиски ринитис, астма;
– вдишано страно тело: пример кикирики или мало парче играчка (детето се задушува и почнува конвулзивно да кашла);
– гастроезофагиална рефлуксна болест (ГЕРБ);
– зголемен трет крајник.

Според времетраењето кашлицата може да е:
– акутна,
– хронична,
– перзистентна,
– долготрајна,
– рекурентна.

Видови на кашлица: може да се подели на неколку основни видови, а тоа се:
– непродуктивна или сува кашлица,
– продуктивна или влажна кашлица,
– рапава кашлица,
– кашлица со свирење во градите.

Cува кашлица: Сувата кашлица кај децата речиси секогаш е придружувана од иритации, алергии и акутни вирусни инфекции на респираторниот тракт. На почетокот на вирусна инфекција, кашлицата е типично сува и иритирачка, може да се почувствува како нешто да ни го скокотка грлото, а детето нема што да искашла. Многу е непријатна и може да биде по изразено ноќе, нарушувајќи го сонот, а со тоа и квалитетот на животот. Кашлицата е механизам со кој слузницата се бори против вирусна инфекција. Сувата кашлица може да се појави со вирусно воспаление на сите нивоа на респираторниот тракт, од носната слузница (ринитис), грлото (фарингитис), ларинксот (ларингитис), бронхиите (бронхитис) и белите дробови (пневмонија).

Продуктивна кашлица: Неколку дена по појавата на симптомите на вирусна респираторна инфекција (ринитис, фарингитис, ларингитис, бронхитис), телото полека се ослободува од вирусот и воспалителната реакција што значи дека слузницата се обновува, се лачи повеќе слуз, што ја прави кашлицата попродуктивна и повлажна. Кон крајот на вирусната инфекција, кашлањето се јавува неколку пати на ден, како механизам за чистење на секретите од респираторниот тракт. Кашлањето по вирусна респираторна инфекција (поствирусна кашлица) понекогаш може да трае неколку недели, ако имало сериозно оштетување на слузницата, кое мора да се опорави подолг временски период. Меѓутоа, ако кашлицата е постојана, ако детето има болки во градите или стомакот, е уморно и текот на вирусот не се подобрува, а особено ако треската се (повторно) појавила, детето треба да се однесе кај педијатар на преглед со цел да се исклучи развој на компликации.

Рапава кашлица: Кај ларингитисот, вирусната инфекција започнува со течење на носот и продолжува со ненадеен напад на кашлање што често го буди детето од сон. Имено, за време на спиењето, полноста на мукозната мембрана на респираторниот тракт природно се зголемува, па ако областа каде што се наоѓаат гласните жици (гркланот) е отечена, ќе се појави ларингитис. Кашлицата кај ларингитисот има типичен груб, сув и рапав звук, како лаење на куче или звук на фока. Ларингитисот често е придружен со болка во мукозната мембрана на грлото и гркланот. Повеќето случаи на ларингитис се со благ интензитет, иако можат да бидат доста драматични, особено кај помладите деца, и ако детето е вознемирено. Кај деца кои се склони кон бронхитис предизвикан од вирус, еден или два дена по инфекција на горниот респираторен тракт (течење на носот, болно грло, со или без ларингитис), може да се појави зголемен воспалителен одговор на бронхијалната мукоза, што резултира со перзистентна сува иритирачка кашлица, која може да биде придружена со брзо дишење, отежнато издишување и свирење во белите дробови.

Кашлица со свирење во градите (свиркање): Свирењето во градите (свиркање) е главен симптом на опструктивен бронхитис и често се јавува во детството поради физиологијата на бронхијалното дрво. Имено, бронхиите (трахеата) кај мало дете се пократки и потесни и посклони кон стеснување отколку кај возрасните. Во случаи на респираторни инфекции, секрецијата на слуз се зголемува и бронхиите полесно се блокираат. Ова резултира со отежнато дишење, свирење во градите, „свиркање“, кое често може да се слушне без стетоскоп, и кашлица што звучи како детето да се дави.

Како да се помогне на дете кое кашла?

Многу е важно секогаш да се навлажнува просторијата, особено ако е зима и е вклучено централното греење, кое ја суши слузницата и го поттикнува кашлањето. Просторијата во која спие детето мора да биде добро проветрена и редовно да се чисти. Треба да му дадете многу течности, вода и/или топол чај на детето. Се препорачува и престој на свеж воздух, секако, ако детето нема треска заедно со симптомот на кашлица. Важна е и положбата на детето кое кашла ноќе, а тоа е подигната положба, за доенчиња секако без перница, положба со главата во подигната положба во однос на остатокот од телото. Потребно е да се капе или да се испрска носот неколку пати на ден со солен раствор. Пареата може да помогне во разредувањето на слузта, која потоа е полесно да се искашла. Иако инхалацијата може да се направи и преку сад со топла вода, најпрактичната опција е да користите инхалатор за инхалација со солени раствори или оние препорачани од лекар. Секогаш е добро да се пробаат природни лекови и чаеви, а кај децата над 2 години можат да користи и мед за смирување на кашлицата. Лековите против кашлица – таканаречени антитусиви која ја смируваат кашлица се користат само по препорака од педијатар!
Во случај на било какви компликации на кашлицата, кога трае долго, не се смирува или се влошува, станува рапава, се слуша свирење на гради – свиркање, треба да се консултирате со педијатар!