Автор: Д-р Огнен Точко, уролог
Каменот во уретер е чест проблем кој може да предизвика многу силна болка. Kaко да го препознаеме и како да го излекуваме?
Уретерот е цевчеста стуктура која го поврзува бубрегот со мочниот меур и ја спроведува излачената содржина. Во случај кога во бубрегот е создаден мал камен и кога истиот ќе почне да се движи надолу, може да се заглави долж уретерот и да го блокира излегувањето на урината. Оваа состојба е секогаш болна, а болката обично доаѓа во бранови и често е многу силна.
Симптоми кои најчесто се појавуваат:
– многу изразена болка во крстот, стомакот или препоните,
– гадење и повраќање (предизвикано од болка) кое проаѓа после смирување на болката,
– болно и често мокрење,
– крв во урината (промена на бојата при што истата варира од розева до црвеникава боја),
-температура и треска (во случај на пропратна инфекција).
Има многу теории зошто се создаваат камењата, но нема утврдено егзактна причина. Камењата најчесто се појавуваат кога во урината има премногу минерали (како калциум, сол, урична киселина), а премалку вода. Поголем ризик имаат луѓе кои пијат малку вода, јадат многу сол и месо, имаат членови во семејството со камења во бубрег, имаат метаболни нарушувања (на пр. покачена урична киселина).
Методи со кои се открива каменот се ЕХО- дијагностика, нативна рендген снимка или компјутерска томографија, на тој начин се добива увид каде точно е локализиран каменот, колку е голем и дали има реперкусии врз каналниот систем.
Третманот зависи од големината и местото на каменот.
Малите камења (до 5 милиметри) најчесто можат сами да се протнат низ каналниот систем и да излезат од уретерот со урината – во тој случај препорачуваме симптоматска терапија за болка и внес на повеќе течности.
Поголемите камења почесто треба да се отстранат со помошни методи, како што се:
• ултразвук (ESWL) – разбивање на каменот со бранови,
• ендоскопија – кршење и вадење со тенок инструмент (пневматски или ласерски),
• Отворена оперативна техника – во краен случај ако другите методи не успеат.
Третманот зависи од големината, местоположбата и видот на каменот, како и од општата здравствена состојба на пациентот. Во случај кога дополнително има инфекција или целосна блокада на урината, потребен е итен третман, бидејќи тоа може да биде опасно по живот.
Кај нас се применуваат сите модерни техники. Нашата цел е безболно и комплетно решение.
Каменот во уретер не е само медицински проблем – тој е потсетник дека телото секогаш бара рамнотежа.

































