Медицински совет
Постојат многу опции кога станува збор за додатоците во исхраната денес – од мултивитамини до специфични билки, аминокиселини и ензими за одредени здравствени состојби. Иако здравата исхрана може да ги обезбеди повеќето хранливи материи потребни за оптимално здравје, се проценува дека околу половина од луѓето земаат некој вид мултивитамини за да го компензираат недостигот од витамини или минерали во нивната исхрана. Така барем вели една студија на „Харвард“.
Сепак, треба да се внимава кога се комбинираат различни додатоци. Некои комбинации може да бидат корисни, додека други може да ги ослабат ефектите на состојките. Доколку земате магнезиум и цинк, сигурно ќе ве интересира како влијаат и дали треба да се земаат заедно.
Магнезиумот е потребен за повеќе од 300 функции во телото, вклучувајќи и за одржување на нервната функција и за синтеза на протеини. Исто така, игра важна улога во поддршката на функцијата на инсулинот, регулирањето на крвниот притисок и метаболизмот на холестерол. Магнезиумот може да ги ублажи воспалителните процеси во телото. Жените треба да консумираат најмалку 310 милиграми магнезиум дневно, додека на мажите им требаат најмалку 400 милиграми. Според прегледот од 2021 година, недостигот од магнезиум може да биде поврзан со високиот крвен притисок, па затоа се препорачува да се внесува како додаток во исхраната.
Цинкот обично го поврзуваме со зајакнување на имунитетот за време на студената сезона, но помага и во синтезата на протеините и активирањето на ензимите што ја контролираат функцијата на срцето и на крвните садови. Цинкот ги намалува воспалението и оксидативниот стрес, го подобрува протокот на крв и го намалува ризикот од згрутчување на крвта. Луѓето со висок крвен притисок често имаат недостиг од цинк, а цинкот им помага на крвните садови да се релаксираат со зголемување на нивото на азотен оксид. На мажите им требаат 11 милиграми цинк дневно, додека на жените најмалку девет милиграми.
Во студијата објавена во списанието „Диетални масти кај здрави и болни субјекти“, учесници беа кардиоваскуларни пациенти и луѓе со дијабетес тип 2. Тие земаа 250 милиграми магнезиум оксид и 150 милиграми цинк сулфат секој ден во текот на 12 недели. Се покажа дека комбинацијата на магнезиум и цинк е поврзана со подобрени нивоа на холестерол и подобра контрола на нивото на шеќер во крвта. Истражувачите, исто така, забележаа дека учесниците имале повисок антиоксидативен капацитет и пониски нивоа на воспаление, што може да придонесе за подобрување на здравјето на срцето.