Медицински совет
Надуеноста е непријатна, но многу честа појава што речиси сите ја доживуваме одвреме-навреме. Чувството на надуеност и притисок во стомакот може да се појави од различни причини: прејадување, запек, лоши комбинации на храна, внесување брза храна, стрес, па дури и пиење течности преку сламка. Иако во повеќето случаи е безопасна и привремена, подуеноста понекогаш не ни дава мир и нè става во непријатни ситуации. Постојат природни начини за ублажување на надуеноста со помош на одбрани намирници и едноставни навики. Подолу ви претставуваме храна што може да помогне, како и специфични совети и рецепти што го олеснуваат варењето и обезбедуваат олеснување.
Кивито е исклучително богато со ензими што помагаат во разградувањето на протеините. Ова го забрзува процесот на варење и помага храната полесно да се движи низ цревата. Студиите покажаа дека редовната консумација на киви може значително да ги ублажи симптомите на запек, што директно влијае на намалување на надуеноста. Бананите, пак, се богати со калиум, кој помага во балансирањето на нивото на натриум во телото и на тој начин спречува задржување вода. Тие исто така содржат влакна, кои го олеснуваат празнењето на цревата. Ѓумбирот е познат уште од античко време по својот смирувачки ефект врз желудникот. Помага при гадење, гасови и надуеност, бидејќи ја стимулира работата на дигестивните сокови. Нането го зголемува производството на жолчка и на тој начин го олеснува варењето на масната храна. Чајот од нане ги опушта мускулите на дигестивниот систем и помага гасовите полесно да минуваат низ цревата. Пробиотиците во јогуртот помагаат во разградувањето на храната и го намалуваат производството на гасови. Ако изберете јогурт, проверете дали е незасладен и дали содржи активни култури. Луѓето што не можат да толерираат млеко, честопати сепак можат да толерираат јогурт поради присутните бактерии што ја разградуваат лактозата.
На крајот, ако мислите дека водата ќе ве направи уште подуени, се лажете. Умереното внесување вода во текот на денот му помага на телото да се ослободи од вишокот натриум, го поттикнува празнењето и го олеснува варењето на храната. Избегнувајте пиење вода во големи голтки или со оброк. Подобро е да ја пиете меѓу оброците.