Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Соња Ризова

Што претставува лумбоишијалгија? Лумбоишијалгија, позната уште и како ишијас, претставува невралгија која примарно се карактеризира со болка во пределот на телото која е инервирана од n. ischiadicus. Тоа е најголемиот нерв во човечкото тело, кој започнува од долниот предел на грбот и испраќа нервни гранки сè до потколеницата и стапалото.

Симптоми на лумбоишијалгија
Главен симптом е остра, жаречка болка проследена со чувство на трнење, слабост, вкочанетост и здрвување. Во најголем дел од случаите се јавува еднострано, односно од половината се спушта по должината на едната нога. Одредени положби на телото може да влијаат врз интензитетот на болката, па така болката најчесто се зголемува при исправена положба, одење, клекнување или свиткување во половината, додека во лежечка положба, болката делумно се намалува или целосно исчезнува.

Причини за лумбоишијалгија
Најчесто настанува поради дегенеративни промени на дисковите помеѓу пршлените, недоволна физичка активност, неправилно седење и одење, носење високи потпетици, дигање на тежок товар и слично.

Најчести причини се
-Херниран диск: Дисковите имаат улога на перничиња помеѓу пршлените на `рбетниот столб. Овие дискови со тек на време стануваат послаби и внатрешниот дел од дискот излегува нанадвор и притиска на корените на нервот ишијадикус.

-Спинална стеноза: Природното трошење на пршлените може да доведе до стеснување на `рбетниот канал. Ова стеснување е наречено спинална стеноза, која може да направи притисок врз нервот ишијадикус. Спиналната стеноза е најчеста кај лица на возраст над 45годишна возраст.
-Тумори на `рбетот: Во поретки случаи ишијасот може да биде резултат на тумори кои растат внатре или по должината на `рбетниот мозок. Како што туморот расте, почнува да притиска на нервите кои излегуваат од `рбетниот мозок.

Дијагноза

1. Физикален преглед, позитивен Лазак Лазаревич тест, позитивен Сламп тест
2. РТГ на карлица и лумбосакрален ‘рбет, во два правца, да се исклучи скршеница, чиј фрагмент може да врши притисок врз нервот, да се види протрузиран диск, можност за инфекција или тумор
3. КТ за подетален приказ на коските
4. МР да се исклучи промена на меко ткиво
5. Електромиографија да се види спроводливоста низ ишијадичниот нерв и одговорот на мускулите.

Терапија
Примарно е мирување и ставање на ладни облоги да се направи анестезија на регијата и да се намали отокот и болката
1. Бензодијазепин, да се олесни мускулниот спазам.
2. Кортикостероид, да се намали отокот кој прави притисок и триење врз нервот.
3. НСАИД, да се намали инфламацијата и болката.
4. Витамини од групата Б. Витамините B1+B6+B12 сe клинички докажани витамини Б кои ги негуваат нервите, помагаат да се заштитат и негуваат нервите со правилна исхрана и вежбање.
Б1 (тиамин) – помага да се енергизираат нервните клетки.
Б6 (пиридоксин) – помага во обновувањето на нервните сигнали.
Б12 (цијанокобаламин) – помага во регенерација на нервните влакна
5. Физикална терапија
6. Краен чекот е да се направи операција (лумбална декомпресија со ламинектомија, фораминотомија, фацетектомија).