Фото: Приватна архива

Автор: Д-р Весна Ризова

Депресијата е сериозно психичко нарушување кое се повеќе станува едно од најчестите ментални нарушувања и е водечка причина за инвалидитет ширум светот. Се јавува од рана возраст, но најголем ризик за појава на депресија имаат лица на возраст од 18-44 годишна возраст. Жените се позасегнати отколку мажите.

Депресијата  се разликува од вообичаените промени на расположението кои се краткотрајни, зависни се од стресоген настан и не влијаат во функционалноста на личноста.  Тагата е нормална емоција која секој ја почувствувал (при болест, прекинување на врска, загуба на работа…) проследена е со непријатно чувство во траење од неколку дена, но  лицето е во состојба да функционира во секојдневните активности. Депресијата е сoстојба на нерасположение која може да влијае врз мислите, однесувањето, чувствата и води до генерализирана дисфункционалност на засегнатото лице. Трае повеќе од две седмици, месеци  и неопходно е рано препознавање и соодветно лекување

Депресијата може да биде блага и краткотрајна или тешка и долготрајна. Некои луѓе може да доживеат само една депресивна епизода во животот,  а други повеќе пати. Може да се појави заедно со анксиозност. Депресијата може да доведе до самоубиство, но тоа може да се спречи ако се обезбеди соодветна поддршка. Затоа депресијата  треба да се лекува за да се намали страдањето на засегнатото лице, за да се подобри функционирањето и да се спречат компликациите.

Депресијата настанува како резултат  од сложената интеракција на биолошките,  социјалните  и психолошките фактори. Лицата кои поминале низ стресни животни ситуации како  загуба на блиска особа,  невработеност, соочување со хронична болест, трауматски настани, тешки економски состојби и кризи имаат поголема веројатност да развијат депресија. Депресијата  пак може да доведе до поголем стрес и дисфункционалност и да ја влоши животната ситуација на засегнатото лице и самата депресија.

Постои взаемна врска помеѓу депресијата и телесното  здравје. На пример телесните болести како кардиоваскуларните болести, автоимуните, ендокрините, невролошките.. може да доведат до депресија а воедно и депресијата може да ја влоши соматската состојба на пациентот.

Симптоми и начини на однесување

За време на депресивната епизода лицето е со намалено расположение т.е  се чувствува тажно или празно, губи интереси и  / или задоволство за извршување на било какви активности речиси  секојдневно најмалку две недели наназад, се соочува и со намалување на психичка и физичка енергија, т.е чувство на психички и телесен замор.

Кај засегнатото лице може дополнително да се присутни и други придружни симптоми како намалено внимание и концентрација, намалена способност за мислење и расудување, намалена самодоверба и самопочит, чувство на вина и самообвинување, песимистички поглед кон иднината , намален апетит, нарушен сон и во најлоши случаеви мисли на самоповредување и самоубиство.

Депресија кај деца и адолесценти

Депресијата кај деца и адолесценти може да се манифестира како пролонгиран период на чувство на несреќа или раздразливост. Тоа е доста вообичаено кај повозрасните деца и тинејџерите и честопати поминува незабележано.

Сите деца понекогаш се чувствуват нерасположено, тажно  или раздразливо,  но загрижувачки е кога тие емоции се интензивни подолг временски период, особено кога негативно влијаат на социјалниот, семејниот и училишниот живот на детето. Деца и адолесценти кои имаат депресија се во поголем ризик од самоповредување, и затоа таквите реакции секогаш треба да се сфатат сериозно и да се побара помош од стручно лице.

Најчести физички и емоционални знаци и симптоми на депресија кај деца:

-Чувство на умор и недостиг на енергија , дури и кога детето е одморено,

-Проблеми со концентрација, мислење и помнење

-Потешкотии во извршување на секојдневните активности

-Промени во апетитот и проблеми со спиењето

-Соматски болки за кои не постои очигледна причина

-Промени во расположението кои не се вообичани како иритабилност, конфлкитуозност, безнадежност

-Намален интерес за пријателите и активностите во кои вообичаено уживал

-Повлекување од другите и осаменост

-Често плачење

-Самоповредување или самоубиствени мисли.

Децата различно ја доживуваат депресијата. Искуството со еден или повеќе од овие симптоми не значи дека детето има депресија но ако симптомите на депресија кај детето траат најмалку две недели и повеќе, притоа влијаат негативно, неопходно е да се разговара со детето и да се  побара соодветна стручна помош од детски психијатар или психолог.

ТРЕТМАН

Третманот вклучува:

-Фармакотерапија- антидепресивни лекови

-Психотерапија

Депресијата произлегува од сложената интеракција на социјалните, психолошките и

биолошките фактори. Луѓето кои поминале низ негативни животни настани

(невработеност, жалост, загуби, соочување со хронична болест, трауматски настани)

имаат поголема веројатност да развијат депресија

-Комбинација од лекови и психотерапија.